23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ од Стразбур: Регионот мора во ЕУ, ако сакаме да успееме

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Стразбур се сретна со амбасадорката на ЕУ при Советот на Европа, Меглена Кунева.

На средбата разговараа за повеќе важни теми, со фокус на евроинтеграцискиот процес на нашата земја, за важноста од регионалната соработка, за новата динамика во соработката со Република Бугарија и за политичкото и административно искуство на Кунева, како поранешна вицепремиерка за координација на европските политики и институционални прашања на Бугарија.

– Многу корисни совети, научени од искуството, добив од Меглена Кунева, за текот на преговорите со Европската Унија и предизвиците кои нè чекаат во тој процес. За нас е од голема важност искуството на Бугарија и споделените научени лекции во преговарачкиот процес, во време кога Секретаријатот за европски прашања е во фаза на подготовка на капацитетите на преговарачките тела, вели вицепремиерот Маричиќ.

Амбасадорката на ЕУ при Советот на Европа и поранешната бугарска преговарачка Кунева говорејќи за текот на пристапниот процес, кажа дека тоа ќе биде најдобриот период за земјата, кој ќе даде ново темпо на реформите и нова енергија на администрацијата, клучна во пристапниот процес.

Меглена Кунева даде силна поддршка на новиот дијалог со Бугарија и соработката којашто ја имаме на сите нивоа, со верување дека брзо ќе ги надминеме разликите и Северна Македонија час поскоро ќе ги започне преговорите со Европската Унија, согласувајќи се со вицепремиерот Маричиќ дека „мора да сме заедно ако сакаме да успееме“, во ова време на глобални кризи и предизвици.