24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски разговараше со Блинкен: За САД итното отворање на преговорите за Северна Македонија со ЕУ е врвен приоритет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски вечерва оствари телефонски разговор со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Ентони Блинкен.

Премиерот Ковачевски ја изрази благодарноста на народот и на Владата за поддршката на САД од независноста до денеска, која што е проследена и со одлични билатерални односи.

Ковачевски за стратешкото партнерство со САД рече дека е од суштинско значење, кое е крунисано со поддршката на Вашингтон за нашето членство на НАТО. Членството во алијансата, истакна премиерот Ковачевски во телефонскиот разговор со државниот секретар на САД Блинкен е огромна привилегија и одговорност.

Премиерот Ковачевски ја осуди руската агресија во Украина како неиспровоцирана и како грубо кршење на меѓународното право, ја реафирмира цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и ја поздравија брзата, обединета и решителна реакција на меѓународната заедница.

За време на разговорот Ковачевски и Блинкен изразија задоволство од усогласеноста и ефикасната координација на НАТО и ЕУ во санкционирањето на Русија, како и во организирањето на ефикасна поддршка за Украина кон која се приклучи и Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски ја изрази неговата благодарност до САД за поддршката за Северна Македонија во евроинтегративниот процес и го поздрави апелот на САД дека е потребно негово забрзување со отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија.

Ковачевски потенцираше дека нема време за губење и дека секое натамошното одложување може да има сериозни регионални последици и широко да ја отвори вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен од своја страна во разговорот со премиерот Ковачевски потврди дека САД се фокусирани на поддршката за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан.

Со силната поддршка на САД за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија Блинкен ја поздрави новата динамика на дијалогот со Бугарија и изрази надеж дека следува решение за прашањата меѓу двете земjи за време на француското претседателство со ЕУ.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен потенцираше дека поддршката на Вашингтон доаѓа од целосната посветеност на Северна Македонија на вредностите на НАТО, кои земјата ги докажа и во поддршката за Украина којашто е целосно хармонизирана со сите сојузници во НАТО.

Ентони Блинкен во телефонскиот разговор со премиерот Ковачевски потенцираше дека САД и Северна Македонија стратешкото партнерство го издигнаа на ниво на соработка која нè прави незаменливи сојузници во НАТО и во заедничките мисии на Алијансата.