Најблиските соработници на експремиерот Никола Груевски потврдија дека тој преку фирми регистирани во Белизе купувал земјиште на Водно. На вчерашното рочиште од предметот „Плацеви на Водно“ сведочеше кумот на Груевски, Ристо Новачевски, кој бил впишан како управител на фирмата.
Груевски побарал од Новачевски да биде управител на хартија на фирмата Сирах инженеринг, фирма ќерка на Сирах лимитед. Работите за купувањето на плацовите ги завршувал Александар Ивановски, Алек Теранова.
За плацот на Водно, Груевски платил 1,2 милиони евра, пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.
Со ваквите признанија се потврдува дека скромноста која Груевски се обидуваше и се уште се обидува да ја прикаже пред макдонската јавност е лажна и дека тој ја искористил премиерската позиција за да обезбеди вистинско богатство.
По излегувањето во медиумите дека Груевски купил земјиште на Водно, тој побарал од Орце Камчев да го купи земјиштето. Камчев, кој исто така е обвинет во случајот, призна дека го купил земјиштето за да не ги расипе односите со Груевски, кого го опиша како „одмаздољубив“. За возврат за земјиштето, Груевски добил три стана во „Панорама Резиденс“ на Водно со квадратура од 750 метри квадратни.
Сепак, иако и неговите најблиски соработници и луѓето кои ги завршувале валканите работи за богатењето за Груевски веќе ги признаа делата, експремиерот и бегалец, од Будимпешта преку социјалните мрежи обвинува дека тие лажат и дека сите во земјава го местат него.
Доколку навистина Груевски верува и смета дека е невин, тогаш таа невиност треба да ја докажува во судот, каде што со свои докази и изјави може да излезе наспроти тврдењата на обвинителството, но и неговите соработници и пријатели.