11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски за НОВА: НАТО ги следи активностите на Русија во регионот чија цел е да го поткопаат угледот на НАТО и ЕУ

На состанокот на шефовите на држави и влади што се одржа во Брисел се разговарало и за заканите по стабилноста и безбедноста на Балканот со оглед на активностите кои ги превзема Русија во регионот а во контекст на актуелната криза а со цел да се поткопа кредибилитетот на евроатлантските институции.

-На состанокот на Северно-атлантскиот совет посочив дека внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан, и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот- изјави за НОВА, премиерот Димитар Ковачевски.

Во тој контекст премиерот како што вели во неговата изјава за НОВА, ја нагласил потребата од поактивана улога на НАТО и ЕУ за да се стесни просторот за интензивното руско влијание.

-Затоа укажав дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста и за затворање на вакуумот кој Русија го користи за да влијае. Потсетив дека политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западен Балкан која може да има повеќекратни негативни тенденции, – вели за НОВА Ковачевски.

Во таа смисла нагласена е потребата за одлука која ќе овозможи што поскоро Македонија и Албанија да започнат преговори за членство.
-Ние докажавме дека и во овој случај Северна Македонија целосно се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се придружи кон значителниот пакет санкции против Русија и ќе продолжи да го прави тоа и во иднина, вели премиерот во изјавата за НОВА.

Според премиерот најзначајна придобивка од овој самит е единството кое го демонстрирала Алијансата во однос на стратешките интереси.
– Како премиер на земја која како рамноправна членка на НАТО учествува со еднаква тежина и учество во донесувањето одлуки на најсилниот безбедносден сојуз, како посебно значајна ја оценувам одлуката да се зајакне источното крило на НАТО со дополнителни воени единици. Заедно со веќе распоредените трупи во Балтичките земји, во Полска и Чешка, станува збор за сериозен чекор, кој согласно договорот од Вашингтон, е во насока на заштитата на територијалниот интегритет на земјите членки долж целата источна граница на НАТО, изјави премиерот Ковачевски за НОВА.

извор НОВАТВ.МК