Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска оствари протоколарна средба со амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри. На средбата беа отворени повеќе теми, меѓу кои за Законот за родова еднаквост, за инклузија на лицата со попреченост, за правата на ЛГБТ заедницата. Министерката рече дека соработка со Италија е важна за македонскиот пат кон ЕУ, особено во делот на усогласувањето на законодавството. За Законот за родова еднаквост, информираше дека денеска е формирана работна група, составена од експерти од која очекува конечната нацрт верзија да биде готова до јуни, за да може законот да биде донесен до крајот на годинава.
„Владата интензивно работи за справување со економската, енергетската, и со кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина. За да го подобри животот на граѓаните ја покачи минималната плата на 18.000 денари, го промени методот за усогласување на пензиите и отвори дијалогот за усогласување на останатите плати со минималната плата“, рече министерката Тренчевска.
Според министерката Тренчевска државата е подготвена да прими луѓе кои си заминуваат од подрачјата зафатени со војната во Украина.
Амбасадорот Силвестре се интересираше за реализацијата на проектот за изградба на станови и реновирање на куќи на ромското население, кој го имплементира италијанска невладина организација со пари од ЕУ фондовите. Тој рече дека италијанската влада ја зголеми квотата за странски работници во Италија, од 30.000 на 70.000, кои 43.000 се за сезонски работници во земјоделството и хотелиерството .
„Ние сме подготвени да дадеме поддршка на сите теми што ги работи Министерството за труд и социјална политика, рече Силвестри.
Двајцата соработници изразија задоволство од досегашната соработка и посочија дека во наредниот период таа да се интензивира.