23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
.МАКЕДОНИЈА

Притвор за советничката од Државниот инспекторат за земјoделие за примање поткуп во Прилеп

Триесет дена притвор за советничка во Државниот инспекторат за земјоделие од Прилеп, која на 16 март побарала пари од раководител во подружница на земјоделска аптека во селото Кривогаштани.

Како што се наведува, 37-годишната советничка при вршење инспекциски надзор во објектот пронашла два артикла со поминат рок на важење и оштетениот го известила дека треба да му напише парична казна за прекршокот во висина до 32.000 евра. Бидејќи оштетениот изреагирал на висината на казната, за да не му напише прекршочна казна за него како физичко лице и за фирмата, обвинетата побарала да и даде пари во износ од 63.000 денари.

Оштетениот кажал дека во моментот нема пари кај себе и побарал од неа време да размисли. Попладнето истиот ден таа повторно се јавила кај оштетениот и го прашала што одлучил, па тој побарал да се сретнат следниот ден во угостителски објект во Прилеп за да ги предаде парите. На средбата тој извадил кутија од таблетки од Д3 витамин во која биле спакувани парите и ги предал, а таа ги ставила во чантата. По лишување од слобода, кај осомничената биле пронајдени 32-те обележани банкноти во апоени од 2.000 денари.

Против осомничената надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување на мерка притвор до судијата на претходна постапка. Судот го прифати предлогот и со решение на осомничената и определи мерка притвор во траење до 30 дена.