24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Интересот на жените за дигитални вештини расте, креираме мерки со кои граѓаните стануваат поконкурентни на пазарот на труд

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска учествуваше на конференцијата за женско претприемништво „Од марш за работнички права до дигитална економија“ под покровителство на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, организиран од страна на Центарот за управување со промени(ЦУП), во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“, поддржан од Balkan Trust for Democracy и USAID.

Целта на конференцијата е да се влијае на зајакнување на женското претприемништво преку дискусија за постоечките мерки за поддршка на женското претприемништво и потребата за владина поддршка преку креирање на сет мерки за зајакнување економската улога на жената и дигиталната трансформација на женските бизниси.

Министерката Тренчевска истакна дека и во услови на светска криза предизвикана од војната во Украина, Владата во дијалог со Економскиот совет донесе сет од 26 мерки за поддршка на граѓаните и на компаниите во вредност од 400 милиони евра. Мерките беа донесени во дијалог со академијата, Стопанските комори, синдикатите, експерти од финансискиот и економскиот сектор и претставници на големите компании во државата.

Таа потенцираше дека, една од приоритетните цели на Министерството за труд и социјална политика е креирањето на политики за решавање на проблемот со невработеноста и поддршка на компаниите преку Оперативниот план на мерки и програми за вработување. Таа потсети за високата реализација од 94,6% мерки од ОП, со кои беа опфатени 11.292 невработени лица.
„Реализацијата на Оперативниот план за 2021 година покажа голем интерес и за мерката „Обуки за развој на дигитални вештини“ во која беа вклучени 400 невработени лица. Голем е интересот и процентот на вклученост на жените во овие обуки кој од година во година расте. Така ако во 2020 година во Обуките за напредни ИТ вештини биле вклучени 42% од вкупниот број на вклучени лица, овој процент расте на 49% во 2021 година.
Таа рече дека активните мерки и програми за вработување, продолжуваат и со новиот Оперативен план за 2022 година, бидејќи како што потенцираше министерката, се покажа дека со стекнатите вештини граѓаните се враќаат на пазарот на труд како поконкурентни.
Тренчевска информираше дека, за реализација на новиот Оперативен план за 2022 година е проектиран рекорден буџет од 1,73 милијарди денари (28 милиони евра), што значи повеќе од двесте милиони денари од буџетот за Оперативниот план 2021 година, кој изнесуваше 1,5 милијарди денари.

„Со новиот ОП 2022 година, нови 2000 лица ќе добијат поддршка за отворање на сопствени бизниси. Во обуките за ИТ вештини ќе бидат вклучени 424 лица,“ рече министерката Тренчевска.

Министерската информираше дека, Министерството работи на измена на Законот за работни односи, при што се воведуваат нови одредби прилагодени на европските пракси и усогласени со меѓународните конвенции со цел донесување на модерен европски закон.