На маргините на Анталија дипломатскиот форум, министерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари средба со сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг. На средбата се разговараше за предизвиците во рамки на процесот на проширување на ЕУ и следните чекори во клучниот период што следи, како несомнено важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот. Интересот на Австрија, како непосреден сосед на земјите на Западен Балкан е од исклучително значење и останува одлучен поддржувач за отпочнување на преговорите, без натамошно одлагање.
Во Агендата на Османи беа средбите и со министрите за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн и средбата со министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто. Покрај билатералната соработка и поддршката на двете земји за европското портфолио на Северна Македонија, беше констатирано дека состојбите на релација Русија-Украина несомнено претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност и дека е потребно итно повлекување на руските воени сили и интензивирање на преговорите за постигнување мирно решение.
Со генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмит, се разговараше за соработката во рамки на ОБСЕ, за мерките и активностите што организацијата ги презема во поглед на состојбата во Украина, за придонесот на Тројката во овие констелации, а Османи ја искористи можноста да ѝ се заблагодари на Шмит за целата логистика што ОБСЕ ја пружа во целиот овој период за евакуација на нашите граѓани од завојуваните области.
На маргините на форумот, Османи оствари средба и со Дритан Абазовиќ, мандатар за состав на Владата на Црна Гора. Беа разменети мислења за регионалната соработка, за заемната поддршка во рамките на НАТО и пристапниот процес за членство во ЕУ, санкциите кон Русија, на кои двете земји се приклучија со што во целост или 100% се прилагодени на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Во текот на денот, Османи имаше одвоени средби и со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак и со високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, а планирана е средба и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.