Претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, со министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги презентираа мерките за заштита на животен стандард и ликвидност на компаниите.
Премиерот Ковачевски ги елаборираше 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите, како и мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти преку Развојната банка на Северна Македонија.
Во продолжение на соопштението ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
Почитувани,
На денешната седница на Влада усвоивме пакет мерки за ублажување на последиците од најголемата глобална криза, после Втората светска војна.
Предизвиците пред нас се огромни. Во услови на пост-пандемија, се соочуваме со најголемата економска криза која што Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храна и енергенсите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основите прехранбени продукти и енергенсите нѐ засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри политики и мерки, ќе ја премостиме.
Владата на Република Северна Македонија, и досега покажа одговорен пристап и стабилно менаџирање. Ветувањата кои ги дадовме, со динамично темпо ги исполнуваме. И сето тоа го правиме преку сериозни и детални анализи во широк консултативен процес и дијалог каде мислењата и предлозите од сите засегнати страни се земаат предвид при носењето на одлуките.
Така направивме и во овој случај. Одржавме Економски совет во кој земаа учество претставници од академијата, гувернерката на Централната банка, претставници на стопанските коморите, одделни претставници на поголемите компании од земјата, на синдикалните организации и останати експерти од економскиот и финансискиот сектор. Само на овој начин може да се донесат издржани, добро осмислени и ефикасни решенија. Тоа е нашиот принцип на работа, така ќе продолжиме и во иднина.
На денешната владина седница, усвоивме пакет од вкупно 26 мерки и препораки поделени во две категории: мерки и препораки за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за Финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.
Во делот мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите тие се следни:
1. Ја намалуваме повластената стапка на ДДВ за основните производи за човечка исхрана од 5% на 0%.
Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се леб; шеќер; брашно – тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко, свежо месо; ориз и јајца.
2. Ги замрзнуваме маржите на основни производи за исхрана.
Со оваа мерка спречуваме создавање на наднормален профит, а ќе се влијае на ублажување на влијанието на ценовниот шок врз одбрана категорија на прехранбени производи.
3. Предвидуваме субвенции односно ваучери за најранливите категории на граѓани за основни производи за исхрана.
Тоа се ваучери во вредност од 1.000 денари месечно, за период од три месеци за околу 35.000 граѓани. Истите би се користеле за купување на основни производи.
4. Воведуваме автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји.
Односно, ги укинуваме царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа од сите земји.
5. Ја пролонгираме примената на повластената даночната стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата.
Како и досега, со оваа мерка го ублажуваме ценовниот удар од растечката цена на електричната енергија на светските берзи и го штитиме животниот стандард на граѓаните.
Оваа повластена даночна стапка ќе важи до декември 2022 година.
6. Препорака за менување на методологијата за утврдување на цена за домаќинства и мали потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија.
Новата методологија која ќе обезбеди пониска цена за електричната енергија за домаќинствата кои се најпогодени и малите потрошувачи.
7. Ја продолжуваме програмата за енергетска сиромаштија.
8. Ги субвенционираме пензионерите.
Субвенциите за пензионери се во вредност од 1.000 денари за 3 месеци или вкупно 3.000 денари кои би се користеле за купување на основните производи.
9. Го продолжуваме субвенционирањето на цената на електрична енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Со оваа мерка ги штитиме потрошувачите во периодот на значителен ценовен пораст на електричната енергија која во моментов е со рекордни цени на светските берзи. Мерката ќе е активна до јуни 2022 година.
10. Ја субвенционираме цената на топлинска енергија.
Со оваа мерка овозможуваме континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија за потрошувачите на делови од територијата на градот Скопје.
11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење на поволен кредит од Светска банка спроведен од Министерството за финансии.
Со оваа мерка ќе се овозможи намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор, а воедно ќе се подобри нивото и квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.
12. Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година.
Средствата на оваа програма во вкупен износ од 30.000.000,00 денари ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година.
13. Даваме препорака за промена на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа.
Препораката е цените да се менуваат на дневна основа, барем во периодот додека трае енергетската криза во Европа и на тој начин, да се избегнат големи ценовни промени од една до друга одлука.
14. Го пролонгираме воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенси.
Со оглед на големиот пораст на берзанските цени на нафтата, Владата ќе го пролонгира воведувањето т.н. еколошката такса за енергенти кој е во собраниска процедура.
15. Ја намалуваме стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан.
Оваа мерка ќе ја заштити куповната моќ на крајните потрошувачи, граѓаните, вклучително и земјоделците кои произведуваат во мал обем, односно не се регистрирани. Со намаленото ДДВ практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што имаме заштита на животниот стандард од една страна, а од друга страна преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите.
16. Ја намалуваме акцизата врз основа на берзанските цени.
Намалување на акцизата за 1, односно 2, односно 4 денари по литар на безоловниот бензин, на гасното масло како погонско гориво (дизел) и на гасното масло како гориво за греење (екстра лесно масло за греење), во случај средната дневна берзанска цена за предметните енергенти на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan да е повисока од 800 USD/ton но пониска или еднаква на 1.000 USD/ton, односно повисока од 1.000 USD/ton но пониска или еднаква на 1.200 USD/ton, односно да е повисока од 1.200 USD/ton. Мерката се предлага со цел ублажување на влијанието на зголемените цени на енергенсите на светските берзи и со тоа заштита на куповната моќ на потрошувачите. Мерката ќе има директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти, и тоа за околу 1,2 денари, односно 2,3 денари, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намален износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
Со оваа мерка би се примениле акцизи намалени за 2 денари, дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари.
Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари.
17. Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување.
Со оваа мерка се ослободуваат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, од плаќање на данок на додадена вредност при увоз на овие добра со што се овозможува подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите.
18. Препорака за општините да го реорганизираат јавниот превоз да биде достапен во корист на сите граѓани.
Целта е да се обезбеди поефикасен јавен транспорт за граѓаните да можат да заштедат и рационално да ги употребуваат личните возила.
Во делот за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка мерките се:
19. Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година.
Со оваа мерка преку РБСМ ќе се поддржи ликвидноста на деловните субјекти преку субвенционирање на каматната стапка од страна на државата.
20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од РБСМ на компаниите.
Со оваа мерка се подобрува ликвидноста на деловните субјекти преку исплата на бескаматни кредити за обртни средства по поволни услови а заради зголемените трошоци за електрична енергија.
21. Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства.
Мерката ќе значи подобрување на ликвидноста на компаниите при што Владата ќе ја субвенционира каматната стапка од 3,2% – 4% годишно, а крајните корисници би користеле кредити за обртни средства без каматен трошок.
22.Користење на Гарантниот фонд преку Развојната Банка на Северна Македонија.
Со оваа мерка ќе се издаваат портфолио гаранции за микро, мали и средни трговски друштва и индивидуални гаранции за големи трговци кои вршат извоз преку гарантирање и тоа кај портфолио гаранциите, гарантирање до 50% од кредитот во колку се работи за кредит за основни средства, односно до 80% во колку се работи за кредити за обртни средства и кај индивидуални гаранции гарантирање до 50% од износот на кредитот.
23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Со оваа мерка се овозможува кредитирање на компаниите за инвестирање во проекти при што ќе се издаваат бескаматни кредити до деловните банки, додека до крајните корисници ќе се издаваат кредити со каматна стапка од не повеќе од 1.6%.
24. Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција.
Оваа кредитна линија е наменета за компаниите кои се соочуваат со енергетската криза и ќе обезбеди стимулирање на инвестиции на компаниите во обновливи извори на енергија.
25. Зелено финансирање (Европска банка за обнова и развој, Програма на Обединетите нации за развој, комерцијални банки.
Со овој финансиски инструмент ќе обезбеди пристап до зелено финансирање за малите и средни претпријатија и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори на енергија и решенија за енергетска ефикасност.
26. И за крај, што во моментов сметам дека е особено важно е препораката за штедење и рационално користење на енергијата.
Апелираме, до сите институции, домаќинства и стопанството за грижливо и рационално користење на електрична енергија и енергенсите. Сите треба да сме свесни за сериозноста на ситуацијата! Дополнително, ги задолживме државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи а во рамки на нивните надлежности.
Почитувани граѓани,
Се наоѓаме во сериозна глобална економска криза. Влијанието врз нашите животи, врз нашиот стандард и економијата се големи, но како што реков, заеднички, ќе ги пребродиме. Животниот стандард, квалитетот на живот ни е приоритет. Стратегијата која ја поставивме и која и е преточена сега во овие 26 мерки и препораки, е целосно насочена кон користење на сите ресурси во поддршка на граѓаните и стопанството во време на криза.
Спречуваме сериозен ценовен шок, и на основните прехранбени производи и на енергенсите.
Воедно, ве уверувам дека житни култури, храна, гориво и енергенси во стоковите резерви има доволно, граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Од сѐ има доволно, но предизвикот е друг, цените се енормно високи на сите светски берзи. И тоа е она со кое ние се справуваме денес, а и ќе се справуваме и во наредниот период.
Во исто време, она што е важно да го знаат граѓаните, е дека буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сите обврски во однос на програмите за финансиска поддршка на граѓаните и стопанството.
Владата е во постојана комуникација и со Народната банка на Република Северна Македонија и нема никакви стравувања и во однос на стабилноста на денарот. Државните резерви се на највисоко ниво, денарот е стабилен.
Уште еднаш сакам да упатам апел никој да не се осмелува да профитира на грбот на граѓаните, Владата го ублажува покачувањето на цените со низа мерки, но мораме сите да се однесуваме одговорно, и трговци, и потрошувачи, и поединци, секој да размислува рационално и праведно.
Воедно, продолжуваме и со системските решенија кои ги донесовме и се спроведуваат за раст на минималната плата на 18.000 денари, историскиот раст на пензиите, со мерки за натамошно намалување на невработеноста која историски е најниска и изнесува 15,2%.
Во овие тешки времиња, само заедно и посветено ќе излеземе посилни.
Ве уверувам дека и јас и Владата сме целосно посветени на решавање на проблемите и бараме поддршка од граѓаните во овие кризни времиња.
Повикувам и апелирам сите многу сериозно да ја разбереме и личната и колективната одговорност во ова кризно време, да се однесуваме исклучително одговорно и воедно да ги користиме расположливите ресурси одговорно и многу внимателно. Штедењето и рационалното користење на енергенсите е она со кое сите ние заеднички ќе придонесеме за да го премостиме овој тежок период кој е пред нас.
Ви благодарам на вниманието.
Во прилог ви ги испраќаме презентациите со пакетот мерки на македонски и албански јазик.