23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Без родова рамноправност нема ни демократија, ниту социјална правда!

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска учествуваа на настанот „Различни приказни, заедничка борба“, организиран во Владата по повод одбележувањето на 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Ковачевски истакна дека денеска е денот кога даваме гласност на пораките дека без потполна родова рамноправност нема ни демократија, ниту социјална правда!

„ Она за кое јас се залагам, е тоа одбележување да не е само денеска. Цврсто стојам на ставот дека овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност и видливост – секој ден. 8 Март е секако можност да поразговараме за економската, политичката и социјалната рамноправност на жените, но тој е првиот од 365 дена гласност за која јас силно се залагам.

Како Влада активно работиме да изградиме општество без стереотипи и дискриминација, општество кое е инклузивно и обезбедува еднакви можности за сите. Општество во кое сите заеднички се грижиме и секојдневно ги охрабруваме борбата против родовата нерамноправност, сексизмот и мизогинијата.

Активно работиме за да ги запреме сите видови на неправда во општеството, зашто борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество.

Минатата година, Република Северна Македонија го донесе Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. За прв пат во овој закон се дефинирани различните форми на насилство врз жените, и за прв пат имаме законско решение кое насилството врз жените и девојките го дефинира како родово базирано насилство. Ова е прв закон кој дава обврска на институциите да постапуваат со должно внимание при заштита на жени жртви на насилство и семејно насилство.

За првпат во националната легислатива е воведен и клучниот процес за затворање на кругот на насилство врз жени и семејно насилство со реинтеграција на жени жртви на насилство. Во законот воедно е предвидено и брзо и ефикасно постапување на сите институции во институционален одговор на секаков обид за насилство.

За прв пат досега, законот предвидува и обврска за судовите кои се должни во рок од 24 часа од насилството да донесат одлука за отстранување на сторителот од домот од 10 до 30 дена, како и сет мерки и услуги за привремен престој за жените жртви на семејно насилство, нивните деца, жртвите на трговија на луѓе и сексуално насилство, каде ќе им биде обезбедена помош и поддршка.

Од сите нас зависи како ќе се спротивставиме на насилството, молкот не е решение, зборувањето, дигањето глас, преземањето мерки и мултидисциплинарниот пристап е вистинскиот пат за искоренување на насилство врз жени, родово базирано и семејно насилство. Реагиравме и на трендовите на сексуално вознемирување на интернет. Токму затоа во Кривичниот законик ги воведовме како нови кривичните дела „Демнење“ и „сексуално вознемирување“ како одговор на злоупотребата на интернет каналите за комуникација.

Нашите заложби за економско јакнење ги вклучуваат подеднакво и девојките и жените. Ги имаме и првите ветувачки резултати. Северна Македонија е лидер во Европа според бројот на жени истражувачи кои имаат учество од 53% во вкупниот број на истражувачи во државата. Тоа е потврдено во последниот објавен извештај на УНЕСКО. Северна Македонија е првата земја која не е членка на Европската Унија, а успешно го имплементира проектот Гаранција за млади за брзо вработување веќе четири години по ред. Ова е проект во чиј фокус се млади, невработени лица до 29 години.

Со оваа мерка минатата година беа опфатени 19.298 млади невработени лица од кои дури 74,8% се жени. Со новото зголемување на минималната плата пак им излегуваме во пресрет на вработените во индустријата за текстил, кожа и чевли, во кои најголем процент се жени.

Грантот за руралните жени од мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ е само една од повеќето мерки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за директна поддршка на индивидуалните земјоделки. Тука се уште и мерките „Млад земјоделец“, како и поддршка за стартување на нов агробизнис.

Продолжуваме во настојувањата за анулирање на разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените и во секој сектор да обезбедиме девојките и жените да имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции.

Денеска, со честитките по повод Меѓународниот ден на жената повикувам да не запреме тука.

Независни и економски силни жени, со свој силен глас и мислење, со можности за слободен избор и еднаквост, се иднината на нашата држава која нема да толерира дискриминација по ниеден основ.

Само така, заедно создаваме инклузивно, еманципирано и силно општество.

Да живее 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената“ порача Ковачевски.