Банкарскиот сектор кај нас, според последните расположливи податоци, има капацитет за справување со евентуални шокови, а истовремено за обезбедување солидна кредитна поддршка за закрепнувањето на економијата. Адекватноста на капиталот забележува една од највисоките стапки што сме ги имале последните десетина година, банките се ликвидни, а нефункционалните кредити на ниско ниво. Директната изложеност на банките кон руската и украинската економија е минимална, додека руски и украински банки нема кај нас, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Во интервју за националниот сервис, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочува дека капацитетот на банкарскиот систем јакне и во овие неизвесни времиња.
„Адекватноста на капиталот изнесува 17,3%, што претставува повисоко ниво во однос на преткризното ниво и е една од највисоките стапки што сме ги имале, воопшто, во последните десетина години. Ликвидноста, исто така, е на солидно ниво, всушност кај нас банкарскиот систем традиционално се одликува со високо ниво на ликвидност. Нефункционалните кредити воопшто не пораснаа во текот на овој кризен период. Напротив, тие постепено, умерено се намалуваа и сега изнесуваат околу 3,3% во вкупните кредити“, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката посочува дека и натаму има тренд на раст на депозитите. Според податоците во јануари, нивниот раст е 7,4%. Растат депозитите и на корпоративниот, и на секторот домаќинства, со тоа што малку е повисок растот кај претпријатијата. Во февруари, согласно со првичните податоци со коишто располага Народната банка, и натаму се бележат стабилни трендови.
Ангеловска-Бежоска истакнува дека нема и дека не треба ниту да има позначителни придвижувања кај депозитите во нашиот банкарски сектор поради случувањата во Украина, бидејќи нема причина за тоа. Директната изложеност на нашиот банкарски сектор кон Русија и Украина е многу ниска, а руски и украински банки кај нас нема, за разлика од состојбите во соседството.
Гувернерката посочува и дека банкарскиот систем, за цело времетраење на кризниот пандемичен период, обезбедува солидна поддршка за економијата, а кредитниот раст воопшто не забави, како што случувало во претходни епизоди.
„Кредитниот раст умерено забрза. Факт е дека кредитната поддршка на почетокот беше повеќе насочена кон населението, а помалку кон корпоративниот сектор, меѓутоа од втората половина на минатата година се гледаат поповолни поместувања, поточно поголема поддршка на корпоративниот сектор. Податоците од почетокот на оваа година покажуваат дека овие трендови продолжуваат“, вели гувернерката.