Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Источната патна мрежа со целосно нов лик, рехабилитирани речиси сите патни врски

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид на работните активности на делницата Крупиште – Кочани од новиот експресен пат Штип – Кочани.

При обиколката на теренот, каде градежните активности се одвиваат со засилен ритам беше изразено задоволство и уверување за остварен вкупен прогрес од 75% од делницата долга речиси 14 километри и беше посочено дека и во време на Ковид -19 пандемијата интензивно се работеше на изградба и реконструкција на главните патни делници низ земјата, а годинава се задржува силно темпо и динамиката.

„ Се уверивме дека остварен е вкупен прогрес на градежните работи од 75% на делницата долга 13,7 километри. Осум километри од делницата е веќе покриен со првиот слој асфалт, а на останатиот дел се завршени земјените работи. Бетонските конструкции на мостовите и натпатниците се завршени до 80%, и сега се подготвуваат завршните работи на хидроизолацијата.

Во тек е процедура за набавка и поставување на еластична одбојна ограда, а на клучките кај Спанчево се вршат подготвителни работи за монтажа на осветлувањето и се чека приклучок кон напојната мрежа. Се подготвува набавка за сигнализацијата на патната опрема. Се поставуваат оптички кабли.

Сето тоа ни говори дека Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта заедно со изведувачите и подизведувачите, се придржуваат до роковите и дека во наредните неколку месеци и оваа делница од експресниот пат Штип – Кочани ќе биде завршена“ изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека делницата Штип – Крупиште веќе е во употреба. Вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што е инвестирано 37,3 милиони евра. Дел од тие средства, како што рече, се од Европската банка за обнова и развој, а дел од страничните правци на Коридорот 8.

„Со изградбата на овој модерен експресен пат создаваме брза патна врска помеѓу Источниот и централниот дел на државата. Овозможуваме брза и безбедна врска со граничните премини кон Бугарија“, истакна Ковачевски.

Можеби ќе ве интересира

(фото) Санкциониран штипјанец кој управувал возило со брзина констатирана од полициски пресретнувач од 105 км на час во населено место

ДЕСК

Малолетник со пиштол се заканувал кон врсник поради девојка – полицијата го одзеде пиштолот во кој имало еден куршум

ДЕСК

Лишени од слобода девет возачи за безобѕирно управување возило, шест од нив возеле без дозвола, меѓу кои и еден малолетник

ДЕСК