22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Азески: Економската соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе ги зближи двете страни

Во вчерашното гостување на Топ Тема, Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески претстави гледишта за соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија каде што преку бизнисот и економијата двете држави може да градат заедничка иднина и перспективи.

Азески истакна дека мора да се направи сериозен напор во подобрување на бизнис амбиентот во двете држави затоа што и покрај тоа што постојат инвестиции и размена на производи и услуги и на двете страни, сепак деловното окружување и во Северна Македонија и во Бугарија има пречки коишто влијаат на подобрувањето на бизнис климата. Извештаите на Европската унија и на Американскиот Стејт департмент подолги години кажуваат на сериозни структурни слабости во поглед на пазарната економија.

„Ако ние се свртиме кон економијата и така го бараме излезот од моменталната ситуација, тоа подразбира многу работа, посветеност и подигање на сите демократски стандарди затоа што капиталот е многу чувствителна работа и како таков точно ќе го најде патот на неговата сигурност. Ние сме тргнати по еден пат, а тоа е патот на Европската унија, а во НАТО сме и двете држави членки. Тоа подразбира дека треба да определиме приоритети, да ја оставиме историјата на историчарите, да направиме Коалиција за иднината и да понудиме перспектива со видливи и конкретни мерки“- изјави Азески.

Азески истакна дека бизнисмените од двете држави се спремни за соработка, меѓутоа долгогодишните проблеми оставаат сериозни траги. Тој процес, според него мора да се прекине, да се даде нова надеж и ново охрабрување, а тоа би се случило со подигнување на животниот стандард, прогрес во правната држава и подобрување на бизнис амбиентот.