Со цел одбрана на демократијата и слободата, во програмата за работа на владата на мандатарот Димитар Ковачевски акцент се става на борбата со дезинформациите.
Во програмата се наведува дека владата ќе ги интензивира своите напори во справувањето со дезинформациите со модерни и проактивни комуникации, зголемување на медиумската писменост, како и брза реакција.
Со комбинирање на различни канали за комуникација за проактивни комуникации, Владата ќе се фокусира на промовирање наративи за демократија кои се засноваат на принципите на вредностите на Европската унија: солидарност, различност, регионална соработка, слобода на движење, антидискриминација итн. Целта на овој проактивен пристап е да се постави наратив кој доминира над вообичаените наративи кои ги пласираат центрите за дезинформации: национализам, дискриминација, антивакцинација итн.
Исто така ќе се продолжи со активносите за подобрување на медиумската писменост. Со новата Концепција за основно образование медиумската писменост се изучува како посебна тема во наставната програма по мајчин јазик. Секогаш кога е можно наставникот ќе ја интегрира медиумската писменост со останатите теми и подрачја, со цел да им се овозможи на учениците да ги поврзат знаењата од различните области во една целина. Во учебната 2021/2022, новите наставни програми започнаа да се реализираат во прво и четврто одделение, а изучувањето на медиумската писменост се изучува во овие две одделенија и постепено ќе се воведува во новите наставни програми за другите одделенија.