23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: СДСМ ќе се реорганизира, знаењето и чесноста ќе бидат одлика на новите кадри

СДСМ ќе се реорганизира, ќе продолжи да се демократизира и да создава и поддржува нови кадри. Партијата ќе се потпира и вклучува луѓе кои ќе ги одликуваат знаењето, чесноста и посветеноста на социјалдемократките вредности. Ова го истакна Димитар Ковачевски откако вчера доцна вечерта го доби мандатот за составување на новата Влада. Тој во своето обраќање посочи неколку партиски реформи во кои доминира пораката за отварање кон луѓе од сите профили и вклучување на експерти од различни области со цел поддршка за креирање и реализација на политики.

„Најавувам активирање на централниот систем на комисии на СДСМ. Тие претставуваат сериозен механизам за отварање на партијата кон многу професионалци од различни области и сегменти на општеството и за нивно стручно ангажирање. Партијата ќе биде главен креатор на квалитетни политики и поддршка на институциите. Секое нејзино тело од месните одбори па се до највисоките органи ќе има своја јасна улога и продонес во спроведувањето на политиките. СДСМ мора и ќе биде силна, организирана, со јасно поставена партиска хиерархија доколку сакаме да постигнеме ефикасно работење“ – најави Ковачевски.

Ковачевски најави дека во периодот кој следи суштински ќе се менува курсот во делот на комуникација со граѓаните и членството. „СДСМ е партија која мора да биде многу поприсутна меѓу граѓаните и секој функционер ќе биде присутен меѓу оние кои му ја дале довербата. Само така ќе бидеме во постојан контакт со реалните проблеми за да може да понудиме соодветни решенија и политики“ – истакна претседателот на СДСМ.