„Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата но ефикасна реалзаиција на програмата и капиталните инвестиции. Насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува“ кажа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски по вчерашниот состанок на Централниот одбор на партијата.
Тој најави дека финансиската поддршка за сите граѓани и компании ќе продолжи и ќе се зголемува и дека како што ќе се креираат мерките за интеревенција поврзани со енергетската криза, за заштита на здравјето и помош во услови на пандемија, така ќе се моделира и засилената финансиска поддршка.
„Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија. Јас верувам дека можеме да ги надминеме сите овие предизвици, со стабилна Влада која ќе има мандат до 2024 година“ кажа Ковачевски.
Тој најави дека партијата во периодот кој следува ќе се менува и унапредува во секој сегмент од своето работење и делување со воспоставување на ефикасен систем кој ќе им служи на сите граѓани и ќе биде инклузивен за целото членство и секој кој сака да помогне и поддржи напредок на земјата.