22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАКУЛТУРА

Стефоска на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески: Немаме потреба од одбрана туку од мудрост, по поуката од Конески „Смирноста е мудра, страсноста е глупа“

– Блаже Конески, тој тивок и кроток човек, добиваше строг лик со кој до крај го бранеше секој збор, секоја буква од македонската азбука – рече министерката за култура Ирена Стефоска синоќа во Филхармонијата на завршната манифестација со која се заокружи чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

Стефоска во своето обраќање, цитирајќи го лингвистот Трајко Стаматоски, додаде дека Конески во толкувањето на фактите настојуваше да биде и да остане непристрасен, се залагаше да завладее на пошироките балкански простори поинаков дух во поимањето на работите. Тој оформи национален, а не националистички пристап во проучувањата.

– Зашто одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е света работа и должност: „не е тоа јазик создаван под никаков диктат… и на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ.“ На еден од тие циклични напади еднакви на опсесија, Конески одговара: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: Ваша работа!“ – нагласи Стефоска.

Стефоска додаде дека минатата година беше стогодишнина од раѓањето на Славко Јаневски, оваа – 100 години од Блаже Конески, а во 2023 – еден век од раѓањето на Ацо Шопов.

– Сите тројца, основачи на Македонската академија на науките и уметностите и сите тројца со мисија да ни остават силен македонски збор и како благослов и како аманет. Зашто мајчиниот јазик на човека му е и првата и последната мисла – заврши министерката за култура.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во своето обраќање додаде дека јазикот, уметноста и културата ја даваат смислата на нашите животи и постоење.

– Тие се конецот, којшто го испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината. Нашиот голем книжевник, академик Блаже Конески, целиот свој талент го посветил и насочил токму во унапредувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација, со што придонел да се најдеме во големото семејство на светски признати јазици. Делото на Блаже Конески е аманет кој секој од нас има обврска да го чува и негува, за што е потребна и лична одговорност, но и институционален пристап – додаде Царовска.

Во присуство на покровителот на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, Стево Пендаровски, и други гости, Оркестарот на Филхармонијата, баритонот Горан Начевски, маестро Дијана Имери Илкоска изведоа дела на двајца великани на македонската современа музика – Томислав Зографски и Тодор Скаловски, во оркестрација на Ангел Спироски. Беше претставена и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.

Можеби ќе ве интересира

Стефоска: 10 милиони евра повеќе за културата во 2022 година

M T

Министерката Стефоска: Убедена сум дека од денеска Аквадуктот го добива заслуженото внимание и грижа

M T

Во Скопје ќе биде откриен мурал во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

M T

Министерката Стефоска: Само сите заедно ќе успееме да ја кренеме на нозе Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“

M T

Заев од Прилеп: ВМРО-ДПМНЕ гази врз македонистот Конески, а го велича Тодор Александров, предавникот на македонските војсководци

CENTAR MKD