7.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија

Изјава на премиерот Зоран Заев по повод постигнувањето на договор за коалиција со Алтернатива:

Чест ми е денеска официјално да соопштам  дека со господинот Африм Гаши, односно со партијата Алтернатива, постигнавме договор за обезбедување стабилно парламентарно мнозинство.

Стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека  новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија.

Новото мнозинство е одговор на барањето и потребите на граѓаните за стабилност. Граѓаните бараат стабилност – еве, испорачуваме стабилност.

Новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се исправени пред нас како општество.

Вредноста на овој Договор создаден заради интересот на граѓаните е што е постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме.

Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните.

Тоа е исклучиително важно во време на сериозни предизвици, дома и на глобален план.

Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со ковид-19 панедмијата и се разбира глобалната енергетска криза.

Како коалициони партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, едногласни сме дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување.

Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме достоинствени да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ.

Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија: Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашто пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи.

Порака до целиот наш народ

Почеток на преговорите ни треба веднаш, затоа што ги имаме исполнето сите услови. “Европеизација веднаш, европеизација постојано” е нашата заложба на која ќе работиме со полн капацитет.

Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем – стабилни. Во време на глобална пандемиска криза и неизвесност и во време на европска енергетска криза, на Северна Македонија најпотребна и е токму стабилна Влада, а не повторно избори.

Се водевме од императивот за стабилно парламентарното мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието. Ефикасност на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби. Да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на Владата во спроведување на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните.

Наша заедничка констатација, која ја зајакнува новата коалиција, е дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори.

Вонредни избори единствено би ја втурнале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Доста беа кризи и незивесности. На нашата татковина и треба мирен и стабилен период.

Затоа, постигнавме договор со Алтернатива за влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година, со амбиција и да продолжи. Нема стабилност со вонредни избори. Затоа, вонредни избори нема да има – за да има стабилност.

Дел од овој значаен политички договор е дека Алтернатива ќе преземе одговорности преку нивно учество во менаџирање на неколку министерства и институции.

Алтернатива ја презема одговорноста со свои кадри и од своите редови ќе назначи:

Министер за здравство;

Министер за информатичко општество и администрација; и

Министер без ресор задолжен за дијаспора.

Владата ќе воведе неколку министри без ресор со цел подобро да се справува со сите домашни и глобални предизвици.

Од страна на Алтернатива ќе бидат назначени и три заменици министри, од кои еден во Министерството за образование и наука и еден во Министерството за култура. За третиот ресор останува дополнително да прецизираме, иако разговаравме за заменик министер за земјоделие.

Алтернатива ќе преземе одговорност во менаџирањето на раководните и управувачките органи во повеќе институции на централно и подрачно ниво. Меѓу нив, од поважните ги издвојуваме МЕПСО, Фондот за пензиско и здравтсвено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и др.

Претседателот на Алтернатива Гаши ќе ги претстави договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма.

Тие се однесуваат најмногу на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на инстиуциите.

На крајот, дозволете ми да ја изразам мојата благодарност за постигнатата согласност Алтернатива да биде дел од парламентарното мнозинство и од Владата, и особено за покажаната подготвеност во решавањето на предизвиците да учествува со квалитетен придонес и со јасно утврдена одговорност во интерес на граѓаните и земјата.

Спонзорирано: