24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заврши владината седница, донесени серија важни одлуки

Од 119-та седница на Владата: 284,9 милиони денари за поддршка на нови 1216 вработувања во реалниот сектор; Утврдени измени на Законот за здравствена заштита за поквалитетни здравствени услуги за граѓаните; Северна Македонија и Косово ќе го ратификуваат Договорот за заемна правна помош во граѓанските предмети

Владата на Република Северна Македонија на денешната 119-та редовна седница го разгледа и прифати ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.

Со ревидираниот Оперативен план обезбедени се дополнителни средства за активни програми и мерки за вработување со ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија во износ од 284.960.000 денари за да се зајакне пристапот до активните политики за пазарот на труд, особено за нискоквалификувани невработени лица и лица од ранливите категории како што е предвидено со Акциски план за реализација на препораките од заедничките заклучоци од Економско – финансискиот дијалог од јули 2021 година.

Од вкупно предвидените средства за оваа намена 36.900.000 денари се наменети за Програмата 1, односно за поддршка за самовработување (претприемништво) за дополнителни 115 самовработувања; 153.750.000 денари за мерката за субвенционирање на плати за 674 дополнителни невработени лица; за имплементација на нова пилот мерка за субвенционирање на плати во текстилниот сектор во Источниот плански регион за 300 невработени лица во висина од 73.800.000 денари, како и 15.289.200 денари за мерката вработување и раст на правни субјекти за 127 дополнителни вработувања.

Со овие измени и дополнувања, со ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година ќе се зголеми опфатот на корисниците на програмите за вработување за 1216 невработени лица.

На денешната седница, на предлог на Министерството за здравство е утврден текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита по скратена постапка со кој се предвидени повеќе новини за поквалитетна здравствена услуга за граѓаните.

Со предвидените измени и дополнувања, меѓу другото, е обезбедена правна можност за избор на матичен лекар во јавен здравствен дом во случај кога нема доволен број на избрани лекари во општината, како и исклучок дека јавна здравствена установа-болница која врши специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност од областа на гинекологија и акушерство и педијатрија може да организира здравствени услуги на примарно ниво во овие дејности за пациентите кои не можат да го остварат правото на здравствена заштита на примарно ниво поради недоволен број тимови на подрачјето на местото на живеење.

Врз основа на позитивните искуства од соработката со граѓанските организации за одредени здравствени сервиси, како што е справувањето со ХИВ во делот на намалувањето на штетите од дроги, со дополнувањата во законот се дава можност здруженијата на граѓани да можат да спроведуваат одредени мерки и активности од здравствената дејност за ранливи и тешко достапни групи население коишто се од посебно значење за јавното здравје.

Со новопредложените дополнувања се пропишува и можноста специјалистите и супспецијалистите да спроведуваат дежурства во други здравствени установи, различни од здравствената установа во која се вработени, со цел поблизок пристап до пациентите и нивните потреби.

Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, со цел, меѓу другото, да се подобри квалитетот на инклузивното образование преку допрецизирање на постапката за вработувањето на образовните асистенти, како и можноста да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено време.

Со предложените измени се пропишува и полагање на стручен испит на воспитувачи во основните училишта, што исто така ќе придонесе за подобрување на квалитетот на нивната работа, како и кариерно напредување на административните службеници во основните училишта.

На оваа своја седница Владата ја дополни Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Со дополнувањата на оваа уредба сега и физичките лица регистрирани како производители на вина се стекнуваат со право на користење на мерката за финансиска поддршка за освоени награди за вино на меѓународни и регионални натпревари, како дел од политиките за поддршка на малите и индивидуалните винарии.

На денешната седница е утврден и Предлог-законот за ратификација на Договорот за заемна правна помош во граѓанските предмети меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово.

Ратификацијата на Договорот ќе обезбеди регулирање на граѓанската материја (оставински постапки, мешани бракови, алиментации и други) со што се зајакнува правната соработка меѓу институциите и се олеснува правниот сообраќај на државјаните на двете држави.