24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Предистрагата за парцелите на ЕВН води до функционери од ВМРО-ДПМНЕ

ЕВН Електрани, како фирма ќерка на ЕВН Македонија, имала купено најмалку 7 парцели во околината на Делчево со цел на нив да постави фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, објави 360 степени.

Во сторијата се додава дека две од тие парцели биле продадени на ЕВН Електрани по 800 денари за метар квадратен, иако само три недели претходно биле купени за само 15 – 20 денари за метар квадратен.

Дополнително, како што се наведува во репортажата, сомнително е што двајцата продавачи Дарко Т. и Влатко И. стануваат сопственици на земјиштето само три недели пред да и го продадат земјиштето на ЕВН Електрани. Купопродажните договори, пак ЕВН Електрани со овие лица ги склучил на 21.09.2021 година, односно неполна недела пред стартот на кампањата за локалните избори.

И двајцата продавачи на земјиштето, според 360 степени, биле на некој начин поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Дарко Т., бил советник во Општина Делчево од 2013-2017 година од ВМРО-ДПМНЕ, а Влатко И. бил член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, како управители на договорите во име на ЕВН Електрани, се потпишани извесен Мирослав Митровски од Скопје и Игор Гиевски, кој е поранешен советник во Советот на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.