Само една недела пред стартот на кампањта за локалните избори, ЕВН Електрани, фирма ќерка на ЕВН Македонија, купила најмалку седум парцели во околината на Делчево. Целта на ЕВН е на овие парцели да постави фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, но сомнително е препорадавањето на земјиштето, објави „360 степени“.
Парцелите биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен, од страна на Дарко Т. И Влатко И., кои станале сопственици на земјиштето само три недели претходно за суми од 15 до 20 денари за метар квадратен.
Како што објави „360 степени“ и двајцата продавачи на земјиштето биле поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Дарко Т., бил советник во Општина Делчево од 2013-2017 година од ВМРО-ДПМНЕ, а Влатко И. бил член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Купопродажните договори со ЕВН Електрани овие лица ги склучиле на 21 септември, односно неполна недела пред стартот на кампањата, а како управители од ЕВН Електрани на договорите се потпишани извесен Мирослав Митровски од Скопје и Игор Гиевски, кој е поранешен советник во Советот на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.