Ги очекува ли пратениците Ангелина Петковска и Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ кривична пријави од коалициските партнери од Левица? Претседателот на партијата, Димитар Апасиев неодамна настапи бескомпромисно кон народните избраници од владејачкото мнозинство, Бисера Костадиновска и Мирослав Богдановски, обвинувајќи ги за биолошки тероризам.
Откако двајцата се појавија во Собранието во скафандери, поради тоа што беа заразени со Ковид-19 и под посебни протоколи за гласање, пратениците експресно заработија кривична пријава од страна на Левица.
-Се теретат дека со умисла и по претходна меѓусебна координација, сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ (казниво по чл. 206 од Кривичниот законик), како и обид за „Пренесување на заразна болест“ (чл. 205 од КЗ) врз останатите пратеници, со елементи на тешки дела против здравјето на луѓето. Дополнително, со таквото свое дејствие, предизвикале став и несигурност кај пратениците и кај јавноста, но воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание на РМ – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт во Републиката, се вели во образложението на кривичната пријава на Левица адресирана кон Костадиновска и Богдановски.
Од Левица истакнаа дека доаѓањето во скафандери на пратеници позитивни на Ковид-19 претставува биохазарден експеримент, па сега се поставува прашањето дали на ист начин ќе реагираат и за своите коалициски партнери од ВМРО-ДПМНЕ, кои најавија присуство на седницата за гласање на доверба на Владата или пак станува збор за двојни стандарди, а не почитување на принципи и доследност.