Кумановската полиција поднесе кривична пријава против 52-годишен жител на селото Опае со иницијали Б. С. поради сомнение за сторено кривично дело лихварство.
Во текот на 2014 година пријавениот на соселанец со иницијали Х. И. му дал 1.500 евра и искористувајќи ја неговата материјална состојба го условил со месечна камата од 500 евра, а главниот долг да остане ист.
Откако Х. И. не успеал да ги врати главниот долг и каматата, пријавениот во неколку наврати го зголемувал главниот долг, кој во 2015 година достигнал 20.000 евра. По барање и со закани од страна на лихварот, Х. И. во јануари 2016 година со нотарски договор, кој требало да важи до враќање на парите, му ја препишал куќата во село Опае.
Додека Х .И. бил да работи во странство за да ја обезбеди бараната сума, Б. С. ја принудил сопругата на Х. И. со семејството да ја напуштат куќата, а кога се вратил во октомври 2020 година, Х. И. преку посредник стапил во контакт со пријавениот, кој тогаш побарал од него до март 2021 година да му даде 90.000 евра за да му ја врати куќата. По изминување на последниот рок, Х. И. го пријавил случајот во кумановската полиција.
Како што соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска, лихварот моментно е на издржување казна затвор за друго кривично дело.