3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Се обединуваме за да продолжи развојот на Ресен, за парите да продолжат да се враќаат кон граѓаните и земјоделците

Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ, Зоран Заев

“Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

На речиси една недела од вториот круг, одовде од Ресен, бисерот на Преспа испраќаме порака на обединување.

Обединување на сите етнички заедници, но и на сите социјални категогрии, затоа што развојот на општина Ресен е во интерес на сите граѓани.

Ова се важни локални избори затоа што од исходот ќе зависи иднината на Ресен и на останатите општини, од исходот ќе зависи дали парите од Буџетот ќе одат во општините и граѓаните или во споменици, бикови, палми и жални врби.

Во овие четири години постигнавме сериозни успеси во делот на економијата, при тоа соочувајќи се со последиците од пандемијата на коронавирсуот.

Сите плати се во просек зголемени за над 6.000 денари или за најмалку 100 евра. Невработеноста е на историски најниски 15.9 отсто , за 300 отсто ја зголемивме социјалната помош, зголемени се субвенциите за земјоделците, преку проектот Мој ДДВ преку 36 милиони евра вративме кај над 400.000 граѓани за само две години.

Што се однесува до земјоделците, до овоштарите и јаболкарите, кои се најзастапени овде, за 20 отсто ги зголемивме субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен капацитет, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми од 2 на 3 денари по килограм.

Субвенцијата за одржување на насади е повторно зголемена и тоа од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а дополнително, кај оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари поддршката порасна од 39.600 на 50.000 денари по хектар.

За овоштарите кои имаат насади во подрачја со ограничени можности во области над 700 метри надморска височина, како што е овој регион субвенциите се зголемени за дополнителни 15%, односно поддршката изнесува 57.500 денари по хектар.

Вложувавме и во локалниот развој. Со 50 милиони евра ги раздолживме општините, а потоа вложивме 500 милиони евра во реализација на над 7.000 локални проекти.

Сето тоа зборува за нашата посветеност да вложуваме во луѓето да вложуваме во локалниот развој.

И овие успешни политики мора да продолжат. А ќе продолжат само ако сме сплотени, само ако сме обединети околу идниот развој на Ресен и на државата.

Затоа, ги повикувам сите граѓани, да се обединиме и на 31 октомври да гласаме да продолжи грижата за граѓаните, да продолжи помошта кон земјоделците, да продолжат да растат платите, а парите да се враќаат назад кај граѓаните.

Да гласаме да продолжи развојот на Ресен, да гласаме за број 12 и Живко Гошаревски”.

Спонзорирано: