24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Видео обраќање на Шилегов: Скопје станува европска метропола каде луѓето се важни

Актуелниот и иден градоначалникот Шилегов со видеопорака се обрати на граѓаните на Скопје, масовно да излезат на гласање во недела, на 17 октомври. Тој во своето обраќање потенцираше дел од своите завршени и идни проекти, со верба дека Скопје, чекор по чекор, ќе продолжи да ја развива својата поинаква приказна што започна пред четири години.

„Почитувани скопјанки и скопјани, зад нас се четири успешни години во кои ги поставивме темелите на ново, модерно Скопје. Јас и мојот тим храбро започнавме проекти кои ги решаваат клучните проблеми во нашиот град за следните 50 години. Сообраќајните решенија кои ги реализираме ќе значат град без метеж, а Скопје ќе ја добие најголемата пешачка зона од сите европски градови. Со ова, Скопје целосно се менува и станува европска метропола со многу јавен простор, зеленило и врвна инфраструктура. За само четири години го намаливме загадувањето двојно, ги исчистивме сите депонии во градот и ги претворивме во паркови. Изградивме 4 нови булевари, реконструиравме 40 улици и градиме два нови мостови. Но, работа има уште многу и сега не смееме запреме“, вели градоначалникот Шилегов во своето обраќање.

„Драги мои сограѓани, Скопје стана град кој се грижи за сите граѓани подеднакво. Град кој вложува подеднакво од двете страни на Вардар. Во недела не избираме само градоначалник, во недела избираме заедничко и солидарно Скопје или враќање кон поделбите и нееднаквоста на ВМРО-ДПМНЕ. Во недела бираме дали Скопје останува да се движи во правилна насока или ќе се враќа кон лажниот барок, нови грабежи и потрошени 680 милиони евра за некое ново Скопје 2014“, потенцира градоначалникот Шилегов.

„За мене политиката е само средство за создавање услови за достоинствен живот за секој човек. Тоа е политика која гради мостови и обединува, политика која го води Скопје кон заедницата на најразвиените градови во Европа. Мојата политика има јасна цел – модерна инфраструктура, врвен јавен транспорт и чиста и здрава животна. Јас го сакам Скопје каде младите со задоволство ги создаваат своите семејства, Скопје во кое сите се добредојдени, зелено Скопје со насмеани, задоволни и среќни луѓе. Скопје, силен град каде што луѓето се важни“, продолжува Шилегов.

„Мостовите, булеварите и тунелите кои ги градиме не се само комплексни и важни градежни зафати. Тие се реализација на мојата визија за поврзан град. Тие ги поврзуваат луѓето и го прават Скопје единствено и силно. Ова е Скопје што сакам да продолжам да го градам со сите вас. Ја барам вашата поддршка за заедно никогаш да не застанеме. А јас ќе продолжам да бидам градоначалник на кој луѓето и Скопје секогаш му се на прво место“, заврши градоначалникот Шилегов.