25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Радев: Северна Македонија да ја признае историската вистина, како што тоа го направи со Грција

Нашите позиции се јасни. Сè додека продолжува овој вид на преродбен процес, сè додека нашите сонародници продолжуваат да подлежат на суптилна асимилација, потиснати се нивните основни права и не се интегрираат целосно во Северна Македонија заедно со другите нации, не можеме да кажеме „да“ за почеток на преговорите. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на самитот во Словенија.

Тој ја повика Македонија безусловно да се придржува кон Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, доколку сака да се приклучи кон ЕУ. Радев исто така очекува македонските власти да ги прекинат, како што вели, идеологиите на тоталитарното минато, со македонизмот и омразата кон Бугарија.

„ Очекуваме искоренување на говорот на омраза, заблудата и толкувањето на Бугарија од учебниците, спомениците, музеите и јавната политика. Тогаш нашите луѓе се подготвени да кажат да. Сакаме јасни правно обврзувачки документи. Македонските Бугари да се рефлектираат во пописот. Сакаме како што се призна историската вистина во односите со Грција, да се признае и историската вистина во односите со Бугарија. Раскинување со македонизмот и омразата кон Бугарија и донесување јасни одлуки“, нагласи Радев.

Тој додаде дека потиснувањето на правата на македонските Бугари, кои се државјани и на Бугарија, е предизвик и за ЕУ, бидејќи тие се и граѓани на Унијата. Рече дека повикал на европска солидарност. Ова не е ниту вето ниту запирање на процесот, вели Радев и додава дека Бугарија сака почитување на основните европски принципи и интересите на секоја земја.