Над 60 млади активисти, во рамки на меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“, ќе дебатираат за европската иднина и трансформација на регионот водена од младите, како и за поголема интеграција и дигитална трансформација на општествата. Конференцијата која по 19 пат ќе се одржи од 30 септември до 4 октомври во Крушево е во организација на Младинскиот Сојуз, со поддршка на Германската Амбасада во Скопје, а во соработка со Регионалниот Совет за Соработка, Гете Институтот, Националната Агенција за Европски
Програми и Мобилност и Германската Фондација „Фридрих Науман“.
Главната тема на годинашната Конференција е „Регионална трансформација“, а има за цел да даде одговори на дел од најгорливите прашања за регионот со фокус на европската интеграција во време на брзи и непредвидливи промени.
Целта е да се мобилизираат младите лидери од Југоисточна Европа да внесат нов импулс во процесот на регионална соработка, а Конференцијата е место каде се слуша гласот на младите. Со овие активности придонесуваме да се изгради силна генерација демократски лидери со висок капацитет, преку зголемување на младинските вештини за носење на одлуки и заеднички настап за остварување на младинска соработка и интерес.
Од конференцијата треба да произлезат препораки и предлози насочени кон конкретна акција за промоција на европските вредности кои ќе бидат имплементирани преку активностите на младите во регионот на ЈИЕ. Конференцијата ќе се одржува во хибриден формат, а покрај младите од земјава ќе учествуваат и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Романија, Србија, Словенија и Турција, а ќе има и гости од партнерски младински организации од Германија, Франција и Полска во улога на ментори.
Инаку Меѓународната младинска конференција, која се одржува од 2003 година е место на кое млади амбициозни луѓе од различни земји се собираат со цел да ги споделат своите идеи и вредности, и конкретни акции за имплементација на европските вредности во своите земји.
Во изминативе 19 години на оваа етаблирана конференција учествувале над 1.500 млади од 25 земји, а одлуките и активностите преземени во рамки на овие иницијативи се проценети дека досега извршиле директен и индиректен импакт врз повеќе од 2 милиони млади луѓе. Дел од врвните говорници на Конференцијата во изминатите две децении биле различни експерти, дипломати, професори, претставници на регионални иницијативи, европски институции меѓу кои се вбројуваат првиот македонски претседател Киро Глигоров и актуелниот претседател на Републиката, Стево Пендаровски, понатаму хрватскиот претседател Стипе Месиќ и поранешниот специјален претставник на ЕУ, Ерван Фуере. Исто така, дел од листата на истакнати панелисти ја сочинуваат и Ролф Хемпелмен, пратеник во Европскиот парламент, Димитрис Христопулос, професор на Катедрата за политички науки и историја на Универзитетот Пантеон, Ранко Остојиќ, поранешен министер за внатрешни работи во хрватската Влада, како и многу други.
Настанот можете да го проследите во живо во хотел „Монтана“ во Крушево или, пак, онлајн на следниве линкови:
https://www.youtube.com/channel/UCLguv7am9_qMrXRTRu3HbYw/featured или на
https://www.facebook.com/YouthConferenceKrusevo/ .