23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

„Најдоброто за нашата општина“ со сработеното и новите проекти ја започнува кампањата

Денеска почнува изборната кампања за локалните избори закажани за 17 октовмри. Таа ќе трае 20 дена односно до 15 октомври на полноќ. Во општините каде ќе има втор круг, пак, ќе се гласа на 31 октомври.

На изборите ќе учествуваат 301 кандидат за градоначалник и 576 листи за советници. Најголемите партии и коалиции официјалната кампања денеска ја почнуваат речиси традиционално од истите градови како и на минатите избори.

Коалицијата на СДСМ, „Најдоброто за нашата општина“ денешниот централен настан ќе го има во Битола, а оттаму  и секој ден со граѓаните, 

-СДСМ ја нуди најдобрата понуда на домашната политичка сцена. Јасна идеја и јасен план за развојот за секој град, за секое село, за целата држава. А, од другата страна демне огромна неизвесност, ризик, опасност и закана. Вие одлучувате. Со вашиот глас избирате заедништво и развој, наспроти поделби и заробена држава, известија од СДСМ.

Кандидатот за градоначалник на Општина Битола од СДСМ, Христо Кондовски ја претстави изборната програма која, како што рече, извира од реалните потреби на граѓаните и потребата за севкупен локален развој.

-Ветувам и се обврзувам на целосно ослободување на севкупниот општински потенцијал преку изработка на нов генерален урбанистички план, пробивање на подземна сообраќајница кај хотелот „Епинал“ и изградба на подземна гаража, изградба на велосипедска мрежа која ги поврзува сите големи улици протегајќи се кон Ниже Поле и Националниот парк Пелистер. Ќе извршиме модернизација и реконструкција на трите градски сообраќајни влезови и ќе направиме реконструкција на локалната индустриска артерија, најави Кондовски.

На првиот ден од кампањата голем број кандидати за градоначалници на СДСМ ги споделија своите визии за општините каде очекуваат поддршка од гласачите. Меѓу нив е и актуелниот градоначалник на Охрид, кој влезе во трката за втор мандат.

-Дојде време уште еднаш да се обврземе пред вас и пред себеси дека ќе работиме уште повеќе за интересите на Охрид! Дојде време на дела наместо празни зборови. Дојде време на работници и градители наспроти ловци на фотељи. Дојде време на храброст наспроти лицемерие и страв. Дојде време за уште една ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО ОХРИД!, порача Константин Георгиевски.

-Честа и задоволството се големи, но одговорноста е огромна да бидам кандидат за градоначалник на Општина Карпош. Карпош, симболот на постземјотресно Скопје, на солидарноста, заедништвото и хуманоста е повторно исправен пред предизвикот сите граѓани на Карпош да го направат вистинскиот избор, за најдоброто за својата општина. 12-ка за Карпош…најдоброто за Карпош!, порача кандидатот Душко Весковски.

На својот фејсбук профил и кандидатот за градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека од денеска официјално ја започнува победничката трка и вети дека ќе покаже дека има знаење и капацитет да раководи со општината.

-12 месеци има во една календарска година – период во кој 100% ќе бидам фокусиран на Вас, на Вашето секојдневие, на проблемите и на успесите. Време кое планирам константно да го посветам и да служам во мандатот кој ќе го добијам од Вас. 12 е бројот кој стои до моето име на овие Локални Избори и е гарантот за унапредување и развој на нашата Струмица, напиша Костадинов.

Кандидатот за општина Аеродром, Александар Филиповски информира дека веќе започнал на средби со граѓаните да ги промовира своите идеи за иднината на општината.

-Предвидуваме изградба на две нови градинки, во Мичурин и Ново Лисиче, како и реконструкција на градинката „Пчелка“. Ја барам вашата поддршка и за изведба на младински центар, доградба на ООУ „Блаже Конески“ и два затворени базени. Претстои целосна реорганизација и на комуналните служби, нови маалски паркови, детски и спортски игралишта во сите населби. Утринава ги презентирав главните проекти од програмата, која заедно ја креиравме. Се обединуваме околу концептот за #НашеМаало, за повеќе зеленило, хуманизиран јавен простор и општина која е дом за сите генерации, вели Филиповски.

-Поддршката за најдоброто за Бутел стигнува од сите страни, бидејќи нашето сработено е печат за реализирани проекти и грижа за граѓаните. Вечерва, заедно со потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи имавме кафе средба со Имер Селмани кој недвосмислено го поддржа патот по кој се движи Бутел, а тоа општина со најсилен развој. Резултатите се препознаваат бидејќи ние сме најдобрата кадровска и програмска понуда за граѓаните на Бутел, порача актуелниот градоначалник Велимир Смилевски.

Од партијата исто така информираат дека во текот на денот ќе остварат средби со граѓаните на Демир Хисар, а вечерта со централен настан кампањата ќе ја започнат во Битола.

Спонзорирано: