15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Имаме знаење и капацитет да раководиме со општините, кандидатите на СДСМ тргнаа во кампања

СДСМ ја нуди најдобрата понуда на домашната политичка сцена. Јасна идеја и јасен план за развојот за секој град, за секое село, за целата држава, информираат од партијата на првиот ден од кампањата за локалните избори. Од СДСМ истакнаа дека наредните денови ќе ја посетат секоја општина и секое населено место.

-Од другата страна демне огромна неизвесност, ризик, опасност и закана. Вие одлучувате. Со вашиот глас избирате заедништво и развој, наспроти поделби и заробена држава. Вие одлучувате. Со вашиот глас избирате заедништво и развој, наспроти поделби и заробена држава. Гласајте за човек што е постојано меѓу народот, добар со сите и со конкретен план и решенија за проблемите. Гласајте за човек домаќин, и вистински пријател, порачаа социјалдемократите.

Кандидатите за градоначалници од партијата преку статуси на фејсбук веќе открија дел од програмите и започнаа да остваруваат средби со граѓаните, како што е случајот со Александар Филиповски кој ќе се бори општина Аеродром.

-Предвидуваме изградба на две нови градинки, во Мичурин и Ново Лисиче, како и реконструкција на градинката „Пчелка“. Ја барам вашата поддршка и за изведба на младински центар, доградба на ООУ „Блаже Конески“ и два затворени базени. Претстои целосна реорганизација и на комуналните служби, нови маалски паркови, детски и спортски игралишта во сите населби. Утринава ги презентирав главните проекти од програмата, која заедно ја креиравме. Се обединуваме околу концептот за #НашеМаало, за повеќе зеленило, хуманизиран јавен простор и општина која е дом за сите генерации, пишува Филиповски.

На својот фејсбук профил и кандидатот за градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека од денеска официјално ја започнува победничката трка и вети дека ќе покаже дека има знаење и капацитет да раководи со општината.

-12 месеци има во една календарска година – период во кој 100% ќе бидам фокусиран на Вас, на Вашето секојдневие, на проблемите и на успесите. Време кое планирам константно да го посветам и да служам во мандатот кој ќе го добијам од Вас. 12 е бројот кој стои до моето име на овие Локални Избори и е гарантот за унапредување и развој на нашата Струмица, напиша Костадинов.

На првиот ден од кампањата голем број кандидати за градоначалници на СДСМ ги споделија своите визии за општините каде очекуваат поддршка од гласачите, а меѓу нив е и актуелниот градоначалник на Охрид, кој влезе во трката за втор мандат.

-Дојде време уште еднаш да се обврземе пред вас и пред себеси дека ќе работиме уште повеќе за интересите на Охрид! Дојде време на дела наместо празни зборови. Дојде време на работници и градители наспроти ловци на фотељи. Дојде време на храброст наспроти лицемерие и страв. Дојде време за уште една ГОЛЕМА ПОБЕДА ВО ОХРИД!, порача Георгиевски.

-Поддршката за најдоброто за Бутел стигнува од сите страни, бидејќи нашето сработено е печат за реализирани проекти и грижа за граѓаните. Вечерва, заедно со потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи имавме кафе средба со Имер Селмани кој недвосмислено го поддржа патот по кој се движи Бутел, а тоа општина со најсилен развој. Резултатите се препознаваат бидејќи ние сме најдобрата кадровска и програмска понуда за граѓаните на Бутел, истакна актуелниот градоначалник Велимир Смилевски.

-Честа и задоволството се големи, но одговорноста е огромна да бидам кандидат за градоначалник на Општина Карпош. Карпош, симболот на постземјотресно Скопје, на солидарноста, заедништвото и хуманоста е повторно исправен пред предизвикот сите граѓани на Карпош да го направат вистинскиот избор, за најдоброто за својата општина. 12-ка за Карпош…најдоброто за Карпош!, порача кандидатот Душко Весковски.

Од СДСМ исто така информираат дека во текот на денот ќе остварат средби со граѓаните на Демир Хисар, а вечерта со централен настан кампањата ќе ја започнат од Битола.

Спонзорирано: