7. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Во битолското техничко училиште зголемен е бројот и на ученици и на паралелки, стручното образование повторно e привлечно затоа што школува кадри што ги бара реалниот сектор

Во средно-техничкото училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола на најдобар начин се реализира заложбата на Министерството за образование и наука младите низ воспитно-образовниот процес да стекнуваат применливи знаења и вештини. Видов мотивирани наставници и опремени кабинети, а училиштето има воспоставено добра соработка со компании каде учениците изведуваат практична настава, рече министерката за образование и наука Мила Царовска по посетата на училиштето каде се реализира настава за образовни профили од машинската и електротехничката струка.

Министерката посочи дека е зголемен бројот на запишани ученици во стручно образование од 208 на 232, но и бројот на дуални паралелки. Оваа година и за машинска струка се запишани ученици, додека лани воопшто немало интерес.

„Тоа е резултат на социјалниот дијалог ‘Учи паметно, работи стручно’ со компаниите, општините, средните училишта а подоцна и со родителите и учениците. Долги години стопанските комори заговараа промена на образовните политики и нивно приближување до реалните потреби за кадри на компаниите. Она што беше потребно, и што ние го направивме во оваа календарска година е – ги споивме потребите на реалниот сектор со стручните училишта“, нагласи Царовска.

Зголемена е видливоста на средното стручно образование затоа што и учениците и родителите ја препознаваат вредноста на учењето преку практична настава, во компании, во производствен процес и можноста по оформувањето на средното образование, брзо да ги апсорбира пазарот на труд. На ниво на држава, како резултат на “Учи паметно, работи стручно“ оваа учебна година бројот на дуални паралелки во државата од 11 е зголемен на 97, а во средно техничко образование се запишаа 1.400 ученици, што е за 6 % повеќе од минатата учебна година.

Во делот на политиките за стипендирање, министерката рече дека исто така се направени промени со цел да се направи дополнителен поттик за избор на средно стручно образование. За учебната 2021/2022 обезбедени се 2.200 стипендии за учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта во државата, во месечна висина од 3.500 денари.

МОН продолжува со унапредување на квалитетот на стручното образование, преку образовни програми и профили кои се барани од реалниот сектор но истовремено овозможуваат и проодност кон високото образование.

Можеби ќе ве интересира

Ковачевски: Среќен почеток на новата учебна година

M T

Шаќири: Наша мисија е да обезбедиме еднакви услови за сите ученици

M T

Шаќири: Приоритет е враќањето на учениците на настава, покачување на платите ќе има

M T

Извршени контроли на 148 возила кои вршат јавен превоз на ученици, констатирани 70 прекршоци

M T

Јетон Шаќири е новиот министер за образование и наука

M T

Ученици од Прилеп превезувани со технички неисправен автобус на екскурзија

M T