26. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАвест

Царовска за Сител ТВ: Со реформата наставниците добија слобода да го креираат часот за да можат учениците да ги постигнат резултатите од учење

Интерактивните табли, дигиталните и печатените учебници не се клучни во наставата по новата концепција, туку активностите и комуникацијата помеѓу учениците и наставникот, и токму тоа сакаме да го покажеме со промените, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ, одговарајќи на прашањето за тоа дека дел од училиштата сѐ уште немаат инсталирано електронски табли.

„Учебникот е само едно наставно средство и помагало. Во училниците треба да има и енциклопедии и друг тип на заедничка активност и интеракција помеѓу учениците и наставниците. Сето тоа е учење и тоа се поттикнува со новата Концепција за основно образование. Ние велиме да не се користи стриктен распоред. Ако наставникот чувствува дека денеска треба да има два часа математика, а утре два часа ликовно, тоа може самостојно да го направи и да си го распореди денот. Најважно е да ги постигнеме излезните резултати од учење, а не да се држиме во дадени формати и секое дете да се трудиме да го ставиме во калап и да му предаваме учебник. Треба да постигнеме резултати од учење преку поголем број нагледни средства и методи коишто може да ги примени еден наставник. Токму затоа, интерактивните табли не се на прво место, ниту дигиталните учебници. Важно ни е учениците да се стекнат со знаење кое нема да го запомнат само за тест, туку ќе им послужи во натамошните етапи од образование како и во текот на нивното живеење, во сите ситуации со кои ќе се среќаваат“, рече Царовска.
Министерката посочи дека мал е процентот (0,01%) на училишта кои сѐ уште немаат смарт табли, но секако и тие се во процес на набавка и ќе ги инсталираат штом ги добијат.
Царовска посочи дека МОН обезбеди 20 % од учебниците за четврто одделение во печатена форма и дека тие се наменети за училишните библиотеки и учениците кои немаат електрична енергија во своите домови, и родителите не треба да ги печатат.

„Дополнително МОН, покрај училиштата, обезбеди и таблети за учениците кои имаат потреба од истите. Секаде кадешто имаме можност за користење на дигиталните материјали за учење повикувам да се користат, бидејќи квалитетот на дигиталниот учебник и целта којашто треба да се постигне со негово користење никако не можеме да ја постигнеме со печатен учебник“, рече Царовска.

Можеби ќе ве интересира

Апсења низ Македонија во голема акција, паднаа и притвори – еве ги деталите

ДЕСК

ЗНАЧИТЕЛНИ ПРЕСВРТИ СО ВРЕМЕТО: Температури до 38°C, најавено е и невреме со пороен дожд, грмежи и ветер

ДЕСК

Алиу со директорите на Клиниките за кардиологија и кардиохирургија: Заеднички ги разгледуваме тековните предизвици и можностите за унапредување на условите во дејноста

ДЕСК