„И сојузниците и НАТО – Алијансата климатските промени ги карактеризира како клучно безбедносно прашање од највисок приоритет. Неодамнешните пожари со кои се соочувавме и ние и Југоисточна Европа ги ставија на тест нашите капацитети, опременоста, пополнетоста со кадар, нивната обученост, но и координираноста на целиот систем за заштита и спасување. Заклучокот беше и е јасен – системот е поставен, но простор за подобрување има“, рече државниот секретар Драган Николиќ на денешната панел – дискусија посветена на цивилно-воената поддршка на цивилни катастрофи, која се реализираше на почетокот на вежбата на НАТО, „Северна Македонија 2021“.
Николиќ порача дека Армијата во изминатите години секогаш се вклучувала во кризни состојби. Ефектите од учеството на Армијата во справување со кризни состојби беа особено забележливи во поплавата која го зафати главниот град во 2016 година, како и пред речиси два месеци кога целосно беше вклучена како поддршка на цивилните институции во справувањето со огнените стихии на територијата на целата земја. Во периодот од почетокот на август до почетокот на септември, ангажирани беа вкупно околу 2.000 припадници, како и армиски воздухоплови кои во овој период на гасење направија над 80 часови лет и исфрлија над 500 тони вода.
„Се боревме со сите расположливи средства и во целост се ставивме на располагање на системот за заштита и спасување зашто Армијата постои за граѓаните и нивната сигурност и безбедност, и во случаи кога се бориме со природните непогоди“, рече на панелот државниот секретар.
Членството во Алијансата беше од голема помош за справувањето со овие катастрофи, особено кога станува збор за брзината и отвореноста на сојузниците да помогнат, рече Николиќ, и додаде дека системот мора да работи за да биде уште поподготвен за справување со катастрофи од овој тип.
Николиќ посочи на неколку клучни подобрувања кои ќе го зајакнат системот за одговор на катастрофи – подобрувањето на координацијата, градењето на дуални капацитети во Армијата и подобрувањето на условите за работа во институциите за справување со природни катастрофи.
„Потребно е да имаме целосна пополнетост на противпожарните служби, на системот за заштита и спасување, на институциите кои се први во борбата со природните непогоди. И, тука правиме чекори напред – пред само неколку дена со измените на законот за заштита и спасување ги зголемивме платите на пиротехничарите и на инспекторите во Дирекцијата за заштита и спасување. Нам ни е потребен систем во кој работат млади, мотивирани, подготвени и обучени лица, и затоа ги подобруваме условите за работа во институциите кои се дел од овој систем“, рече државниот секретар.
Ниту една земја самостојно не може да се справи со природните катастрофи од големи размери како оние што ги видовме изминатиот период, порача Николиќ, и додаде дека Северна Македонија е секогаш првата земја која нуди помош, а истиот пристап го имаа и нашите соседи и нашите сојузници кои безрезервно помогнаа во справувањето со пожарите во нашата земја летово.
На панел-дискусијата покрај државниот секретар Николиќ учествуваа и Марк Ди Пауло, директор градење на капацитети во одбранбените институции во НАТО и Шефик Бајрами, помошник директор на Бирото за јавна безбедност.