Градоначлникот Шилегов ја потпиша пристапницата кон Европската недела на мобилност 2021, со што и официјално започна ЕНМ 2021, под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“.
– На наше големо задоволство Град Скопје по 11-ти пат се вклучува во редот на градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини во насока на промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз како одржливи форми на урбана мобилност. Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Безбедно и здраво со одржлива мобилност“, и во нејзиното одбележување ќе се вклучат над 2.700 градови од над 50 држави од Европа и од светот. Овогодинешната кампања организирана под мотото „Движи се одржливо, остани здрав“ има за цел да оддаде почит на справувањето со пандемијата на КОВИД-19 и да фрли едно поинакво светло на можностите кои произлегоа од оваа досега невидена здравствена криза.Градовите ширум светот воспоставија креативни, еластични одговори на пандемијата заради што оваа година, Европската недела на мобилноста ја слави издржливоста на градовите и нивните достигнувања во обид да ја пребродат кризата што е можно по безболно. Во тие рамки ќе се одржат повеќе онлајн работилници со ученици од основното и средното образование во насока на промоција на мерките за постигнување на одржливата урбана мобилност.Предвидени се и повеќе активности преко кои ќе се промовира развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот која се зголемува во просек за околу 14 километри годишно, со што велосипедската мрежа во нашиот град годинава надмина 110 километри- кажа Шилегов.
Тој додаде дека изминатите години Градот се посвети на градењето на т.н. конектори кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, и го спои со велосипедски патеки и Големиот Ринг.
– Сите патеки се изведени согласно со стандардите кои предвидуваат слеани рабници, заобиколувања на автобуските станици, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и заштита од столпчиња. Оваа година работиме на нова вело патека на бул. Видое Смилевски Бато, продолжување на вело патеката на бул. Александар Македонски, а нови вело ленти ќе добијат и Рузвелтова, Христо Татарчев и Митрополит Теодосиј Гологанов. Велосипедски патеки се предвидени и на новиот дел од ул. Васко Карангелески, продолжението на бул. АСНОМ преку мостот до Керамидница, бул. Никола Карев и клучката кај Момин Поток. Изминативе 4 години Скопје е побогато за над 12.000 нови велосипеди и над 600 нови тротинети само благодарение на субвенциите кои Град Скопје ги доделуваше секоја година – рече Шилегов.
Тој дополни и дека администрацијата е посветена на развојот на велосипедската мрежа во Скопје од причина што тоа е еден од начините да се мотивираат што е можно повеќе граѓани да го одберат велосипедот за превозно средство што во голема мера ја зголемува одржливоста на урбаната мобилност во нашиот град.
– Засадуваме дрвореди, живи огради и ниско зеленило со цел да ги хуманизираме тротоарите, за да може пешачењето да биде попријатно. Ги уредуваме тротоарите со урбана опрема и урбана уметност со цел да стимулираме што е можно повеќе граѓани да го одберат пешачењето пред возењето автомобил. Водиме отворена „војна“ со непрописното паркирање на тротоарите и велосипедските патеки. За таа цел со поставување на заштитни столпчиња ослободивме пешачки и велосипедски површини во должина од над 6 километри. Не знам дали се сеќавате дека до неодамна пред Министерството за правда немаше каде да се стапне од паркирани возила? Ги памтите ли Бит-п азар и Партизанска со паркирани возила на тротоарите и велосипедските патеки? Сите овие состојби кои до скоро беа дел од нашето секојдневие, сега се минато. Секако не очекува уште многу работа, но не застануваме тука. Продолжуваме да работиме на менувањето на навиките на луѓето. Продолжуваме да работиме на развојот на велосипедската и мрежата на тротоари и пешачки патеки. Затоа сосема на крајот ќе ги повикам сите наши сограѓани колку што е можно повеќе да користат да се движат пешки, да користат велосипед или јавен превоз, а колку што е можно помалку да ги користат автомобилите – изјави Шилегов.
Сите преземени мерки и менувањето на навиките на скопјани директно ќе придонесaт не само за намалување на сообраќајниот метеж во градот, за одржувањето на сопственото добро здравје во добра кондиција, туку и за почиста животна средина во нашиот град.