10.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Одлична вест: Со измените на Законот за облигациони односи, каматите нема да смеат да бидат повисоки од долгот

Износот на каматата што некој граѓанин или фирма го има за било каков застарен долг, да не биде повисок од износот на основицата на долгот.

Или пластичен пример. Доколку одреден граѓанин или фирма имал долг од пред 10 години, на сума од 1.000 денари, износот на каматите што му се трупале со години и кои на крајот ќе треба да ги плати, да не бидат повисоки од исто така 1.000 денари. Или, тој граѓанин или компанија за овој долг од 1.000 денари, на крајот да не треба да плати сума повисока од 2.000 денари.

Ова го предлагаат група пратеници од владејачката коалиција, кои до Собранието доставија предлог измени на Законот за облигациони односи.

На предлог законското решение се потпишани Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ, како и четворица други пратеници од СДСМ и од БЕСА, која е коалиционен партнер на најголемата владејачка партија.

На вчерашната седница беше усвоена потребата од носењето на ова законско решение по скратена постапка, но кога ќе биде ставено на дневен ред и кога ќе се изгласа, засега не е познато.

Основна цел на предлагачите на законските измени, како што велат, е да се заштитат граѓаните и фирмите од енормно високите суми на камати што им се натрупале, за некој долг што тие можеби не ни знаеле дека го имаат.

„Имаме случаеви на пример, на некој долг за комунална услуга од пред десетина години, за кој граѓанинот можеби не се ни сеќава дека му има заостанато, ако тој изнесувал на пример 1.000 денари, низ годините да му се натрупала камата од 10.000 денари. На што личи тоа за обврска од 1.000 денари, некој да плати камата од 10.000 денари, па да му доаѓаат дома извршители и да го шокираат за нешто за што не ни змнаел дека го има како обврска. Тоа нема никаква логика“, вели за Фактор Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и еден од предлагачите на законот.

Значи, поентата на законските измени е – кога каматата ќе го достигне износот на главнината на долгот, таа да престане да се пресметува.

Според него, ова законско решение ќе важи за сите, и за граѓаните, и за компаниите, и ќе се однесува на долгови од секаков карактер, на пример за застарени сметки за струја, вода, телекомуникациски услуги, обврски кон банки и слично.

Митрески вели дека пратениците за овој предлог закон разговарале и со претставниците на Синдикатот, кои исто така сметале дека станува збор за многу солидно законско решение.

Еве како гласат клучните одредби на предложените законски измени.

„Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече“, се вели во измените.

Инаку, се предлага овој закон да почне да важи веќе од наредниот месец оваа година.

„Со Предлог законот се очекува подигање на степенот на одговорност на учесниците во прометот и се остврува посакуваната рамноправност на учесниците во правниот промет. Предлог законот значително ќе ги подобри условите за водење бизнис на најголемиот број на учесници во правниот промет, а тоа се малите и средни претпријатија, и се овозможува ефикасен начин на справување со стекнувањето на т.н. незаработените доходи. Со Предлог законот се потврдуваат особено следните начела: начело на совесност и чесност, забрана на злоупотреба на правото, забрана на искористување на монополска положба и начело на еднаква вредност на давањето“, навеле предлагачите во основните цели кои сметаат дека треба да се постигнат со законот.

За спроведување на овој закон не се потребни финансиски средства од буџетот на земјава. Со оглед што не се работи за сложен и обемен закон, се предлага носење на измените по скратена постапка.

Предлагачите велат дека со носење на овие законски измени ќе се реши еден голем и тежок проблем на учесниците во правниот промет во земјава.

Спонзорирано: