12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Димитров се огради од дипломатскиот скандал: „Миленкоски бил испратен во Мисијата на ОБСЕ кога со МНР раководи друг министер“

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров се огласи на Фејсбук во однос на дипломатскиот скандал поврзан со приведувањето на македонскиот дипломат.

„За разјаснување на дипломатскиот скандал и во интерес на точно информирање на јавноста, укажувам на следниве факти и информации за односниот дипломат:

– Тој бил испратен во Мисијата на ОБСЕ во Виена во 2015 год., кога со МНР раководи друг министер. Неговото барање за продолжување на мандатот е одбиено од моја страна.

– Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки.

– Согласно Законот, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос.

– Потерницата од Интерпол е распишана во февруари 2020 год., долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не е доставена информација до МНР во времето додека бев таму на должност.

– Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации.

Од изнесениве факти, јасно се гледа дека за време на мојата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности. Меѓу другото, токму јас го имам искористено дискреционото право да не го испратам овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата“, вели Димитров.

Македонскиот дипломат Миле Миленкоски, заменик-шеф на нашата мисија во ОБСЕ, кој е баран од ерменските власти, бил приведен на 27 август при обидот да ја премине границата во Прешево за да влезе во Македонија. Според информациите, Миленковски помогнал во бегството на ерменски државјанин, кој добил македонски пасош и кој е поврзан со криминални активности.

Спонзорирано: