23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Максим тргна против Максим – во Куманово ќе победи тој што 30 години по ред победувал, а тоа е СДСМ

Определбата на актуелниот градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски да не дочека СДСМ да ја донесе одлуката и прерано да го напушти процесот на селекција на кандидатите за претстојните локални избори согласно сите истражувања што ги правевме е негова лична одлука и со таа лична одлука тој ја донесе и одлуката за себеисклучување од СДСМ, порача денеска премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев.

-Статутот на СДСМ водејќи се со сите демократски определби ја направил јасната дистинкција на разграничување. Кога ќе одлучите дека треба да го напуштите СДСМ, тоа е опишано на неколку начини како тоа го правите, а еден од тие е токму тоа – истапувате од СДСМ и одите како независен кандидат. Максим Димитриевски се одлучи за тоа. Тоа е негова одлука и Максим тргна против Максим. На СДСМ му остана само на првиот Централен одбор да го констатира тоа што Максим Димитриевски го направи, односно тоа е исклучувањето од СДСМ, рече Заев во одговор на новинарско прашање по денешната промоцијата на паралелка „Фармацевтски техничар во фармацевтска индустрија“ во Средното медицинско училиште на Град Скопје „Д-р Панче Караѓозов”.

Тој посочи дека статутот е устав во СДСМ, најважниот и највисок документ по којшто работат и е израз на максимална демократска процедура во партијата.

-СДСМ е исклучително демократска партија која што своите определби и одлуки не ги носи на основа на ставови на поединци, ги носи на своите органи и тела, ги носи преку својот Статут. Во него е јасно опишано кога ќе тргнете против СДСМ, кога ќе се спротивставите на СДСМ не можете истовремено да бидете и член на СДСМ, а можете слободно да ги кажете вашите различности, можете да дојдете во органите и телата на партијата, можете да дискутирате, да се борите за вашите ставови. Најдоброто во СДСМ е тоа што различните ставови многу често и победуваат дури и кога не се ставови на највисокото раководство на СДСМ. Максим беше член на Конгрес, по функција член на Централниот одбор како градоначалник, секогаш го имал правото да дојде да дискутира и да ги каже своите забелешки, така што овде е јасна процедурата како се донесуваат одлуките, прецизира Заев.

За настапувањето на локалните избори со независни листи рече дека е богатство што доаѓа со слободата, а со тоа и демократијата на определба.

-Тоа автоматски значи влегување во конкуренција со политичките субјекти коишто традиционално се првата понуда на граѓаните токму преку политичките програми, преку политичките визии за нивен настап. Сите партии, така и СДСМ кога ќе има спротивставен досегашен член за којшто СДСМ вложила во неговото работење, дала шанса, направила скалила да расте во својот личен рејтинг, а и во својот општествен рејтинг прават јасна дистинкција на разграничување. Статутот не е од сега, туку е од формирањето на партијата и јасно дефинирани права им даваат на сите, дури и членови со богато искуство во членување во партијата, да може да носат своја одлука слободно како тие мислат дека е најдобро за нив, посочи Заев и додаде дека во Куманово ќе победи оној кој што победувал и во изминатите 30 години – СДСМ.

За повторното некандидирање на актуелниот градоначалник на Општина Радовиш Герасим Конзулов на локалните избори, Заев рече дека тоа е направено, бидејќи анализите покажале дека 60 отсто од граѓаните на Радовиш сметаат оти не заслужува втор мандат.