Првата група од 149 граѓани од Авганистан доцна синоќа пристигнаа во Македонија. Бегалците преку Грузија пристигнаа на скопскиот аеродром.
Првиот патник што се симна од авионот беше трудница во 39-тата недела од бременоста, која со возило на итната медицинска помош е однесена на Клиниката за гинекологија во Скопје.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека станува збор за луѓе вработени во меѓународни организации, како што се „Опен гавермент“, организација во која членува и нашата држава, „Транспаренси интернешнл“ и други организации со кои сме работеле ние или нашите сојузници во Авганистан.
„Тоа се луѓе со кои сме работеле, луѓе што споделуваат исти вредности со нас и луѓе на кои не по нивна вина им е загрозен нивниот живот и животот на нивните деца“, рече Османи.
Раководителката на Службата за итна медицинска помош и домашно лекување при Здравствниот дом Скопје, Милица Бубало, рече дека Министерството за здравство заедно со сите здравствени установи е подготвени за да ја даде комплетната здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот на нашата држава.
„На граѓаните ќе им биде направен ПЦР-тест во однос на Ковид-19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за вакцинација против Ковид-19, ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката на ПЦР-тестот се констатира дека имаме позитивен/позитивни, ќе се спроведе 14-дневен карантин. Понатаму во текот на самиот процес ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и на специјалист интернист и ќе се оцени здравствената состојба на самите граѓани“, информира д-р Бубало.
Бројката на бегалци од Авганистан што ќе ги прими Македонија од првичните 650 се искачи на 780. Тие ќе бидат сместени главно во хотели во периферијата на Скопје.