Како дел од планираните активности по повод одбележувањето на 30 години од осамостојувањето на Северна Македонија, во периодот од 20. до 26. август 2021 година, ќе биде реализирана културна манифестација именувана како „ФИЛМСКА КУЛТУРА“.
Домаќини на овој настан, кој се реализира со поддршка на Владата на Република Северна Македонија, ќе бидат Тетово (20 – 22. август), Битола (20 – 22. август) и Скопје (22, 25, 26. август), во чии рамки ќе биде прикажана селекција од краткометражни, документарни и играни филмови од македонска продукција.
За време на манифестацијата ќе биде одржана и свечена академија на тема „Македонскиот игран филм во следната декада“ каде акцентот ќе биде ставен на интеркултурната димензија и универзалниот јазик на филмската уметност. Како дополнителна програма ќе бидат одржани и три концерти, во секој град, насловени „Филмот може да се слуша“, во чии рамки ќе биде интерпретирана филмска музика.
„Денес, кога се пребројуваат и се апсолвираат сите премрежија, транзиции, успеси и падови и се слави 30. годишнината од независноста, исклучително е важно да се обрне внимание на културата, односно да се евалуира создаденото. Не е нескромно ако се каже дека техничкиот и креативниот развој на филмот, денес е со највидливи резултати од сите области на културата. Затоа, владината поддршка на настанот „Филмска култура“ е особено важна за граѓаните, за афирмација на нашите културолошки вредности, и за филмската уметност. Во три града, во три дена ќе се слави модерната кинематографија, но и ќе се потсетиме на развојниот синеастички пат, на авторите кои се дел од оваа значајна тридецениска историја”, изјави Томи Салковски, продуцент.
Посетителите ќе можат да ги проследат настаните на следните локации: „Центар за култура “ Тетово, „Центар за култура“ Битола и Кинотека на Северна Македонија – Летно Кино „Мирно лето“ во Скопје. Културната манифестација „Филмска култура“ ќе биде организирана според сите пропишани протоколи за заштита од Ковид-19.