Вечерва, во 20 часот, во Ривербед Синема во рамки на фестивалот за документарни филмови „Докуфест“ во Призрен, Косово, светска премиера ќе има долгометражниот документарен филм „Сава“ (2021).
Филмот е копродукција помеѓу Сава Филмс (Англија) и Ортак Филмс (РСM).
Македонската премиера на филмот е закажана за 23 август во Куршумли ан во рамките на фестивалот „Македокс“.
Режисер и продуцент е Метју Сомервил од Велика Британија, монтажата е на Горјан Атанасов од Северна Македонија, сниматели се Ден Мекрам и Метју Сомервил. Во овој филм реката има глас и во улога на наратор е актерката Мира Фурлан, а текстот за нарацијата, покрај неа, го потпишуваат и Мекрам и Сомервил. Музиката е на Робин Шлохтермајер.
Сава е документарен патувачки филм по течението на реката од 990 километри низ земјите на поранешна Југославија. Во траење од 75 минути, сниман е на локации низ Словенија, Хрватска, Босна и Србија.
Ова е прв долгометражен документарен филм на режисерот Сомервил, која има завршено документарна фотографија на Универзитетот Фалмаут во Лондон.
Фасцинацијата на режисерот поврзана со регионот на поранешните југословенски простори и луѓето, кои живеат по течението на реката Сава, почнува со неговото прво доаѓање на фестивалот „Егзит“, Нови Сад, каде поминува некое време во разгледување на регионот. Така почнува да ја истражува историјата, политичкиот и социјалниот живот на овие народи. Во 2013 година со автомобил од Лондон до Белград тргнува на патешествие низ градовите и селата по течението на реката.
„Сакав да покажам како природата е поголема од која било нација, реките ќе течат долго и откако ќе не нема. Реките ги поврзуваат луѓето, повеќе од кое било знаме, култура или етничко припаѓање. Со овој филм сакам да покажам како најдолгата река во некогашна Југославија се уште ги поврзува луѓето, иако, границите се поместени. Јас сум антинационалист, кој е вљубеник во природата. Луѓето се многу често изманипулирани и поделувани од страна на политичарите, а медиумите ја имаат таа моќ да ја сменат колективната свест. Сакам луѓето да се слушнат едни со други. Сакам луѓето да забават. Да се прифатиме едни со други и да комуницираме околу природата“, вели Сомервил.
Во Лондон, 2019 година се запознава со македонецот Горјан Атанасов, кој во тоа време бил на постдипломски студии по пост-продукција на Универзитетот МетФилм Скул, кој освен што е задолжен за монтажа на филмот е и копродуцент.
Одлучуваат да и дадат глас на реката, за да ги поврзат приказните на луѓето, кои живеат покрај брегот на реката Сава. Во потрага по зрел женски наратор, Сомервил добива контакт на една од најголемите ѕвезди од југословенскиот филм, која успеа да направи и светска кариера во Холивуд, Мира Фурлан. На неговата е- маил порака со покана таа да соработува на овој проект, Фурлан одговара:
„Драг Метју, многу ми е драго и се чувствувам почестена што помисливте на мене за овој прекрасен проект. Целиот мој живот го посветив против поделбата и инклузивноста. Можам да го потпишам моето име под твојата реченица, каде зборуваш за природата и човечката поврзаност, кои се над сите опасни илузии за национализмот. Како една од граѓаните, кои ја загубија својата земја во онаа бесмислена војна во која се бореа новите елити за финансиска корист, ви благодарам за овој проект. Со еден збор: Да. Би соработувала со вас на овој проект“.
По една година преписки и постојан контакт преку онлајн платформите, Фурлан пристигнува во Лондон, каде ја снимаат првата сесија за нахсинхронизација. За време на пандемијата успеваат да реализираат уште една сесија преку Зум платформата, додека таа е во нејзиниот дом во Лос Анѓелес, а Горјан и Метју во Лондон.
„Веќе во септември не успеавме да дојдеме во контакт со неа повторно и нејзиниот сопруг не контактираше да ни пренесе дека Мира е болна. Требаше да ја снимиме со неа последната нахсинхронизација, но не успеавме. Следните 3 месеци беа мачни за чекање. За жал, Мира почина. Филмот е посветен во сеќавање на неа и на нашата бесценета соработка со оваа голема уметница“, вели режисерот Сомервил.
Во март оваа година филмот беше финиширан во Скопје, а пост -продукцијата во Лондон во април.