16.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска со војниците ангажирани во борбата со пожарите во прилепско: Армијата дава клучна поддршка во справувањето со пожарите

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска ги посети припадниците на Армијата во касарната во Прилеп, како и војниците кои се ангажирани во справувањето со пожарите во реонот на селото Топлица.

Шекеринска порача дека Армијата дава и ќе продолжи да дава огромна поддршка во справувањето со пожарите низ целата држава. Таа додаде дека иако пожарот во реонот на селото Топлица е изгаснат, војниците ќе продолжат да бидат присутни во овој регион.

„Армијата дава клучна поддршка на сите централни и локални институции и во прилепскиот регион, каде што веќе неколку дена се активни на повеќе локации. Успеаја да ги локализираат и да ги изгасат голем дел од пожарите, но за жал и денеска чув и од нив дека нови жаришта се појавуваат, дел достапни, дел недостапни. Со мене го споделија и сомнежот дека еден дел од овие пожари сметаат дека се и намерно поставени и заради тоа продолжуваат да бидат присутни тука за да не дозволат огнот повторно да се разгори“, рече министерката.

Пожарот кој се разгоре на непристапен терен на 6 километри од Топлица, во попладневните часови ќе го гасне авионот на романското воено воздухопловство, кој пристигна вчера и веднаш се вклучи во справувањето со пожарите низ целата територија на нашата земја.

Припадниците на Армијата ја информираа министерката Шекеринска дека во касарната во Прилеп активна е т.н. единица во приправност, која доколку има потреба веднаш ќе се вклучи во гасење на евентуални пожари во овој регион.