23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Пожарите во Делчево и Пехчево сѐ уште се активни

Пожарите во Делчево и Пехчево сѐ уште се активни. Дежурни екипи интервенираа во текот на целата ноќ. Од Центарот за управување со кризи информираат дека во Делчево е прекината испораката со електрична енергија на филтер станицата и бунарските системи поради што ќе има прекин во водоснабдувањето.

Пожарот кој започна на 2 август во атарот на с.Нов Истевник, маало Пасјак сѐ уште гори и е во дијаметар од 15 км. До овој момент опожарена се околу 800 ха борова шума и нискостеблести растенија. Пожарот го зафати маалото Балабанци во с.Нов Истевник, каде зафати и три куќи, а истиот брзо се шири и ја зафати и Курачка Маала каде досега изгореа три плевни.

Поради големиот пожар регионалниот патен правец Делчево – Пехчево беше затворен за сообраќај. Со пожарот е зафатена површина од околу 900 хектари со борова шума и нискостеблести растенија.

Екипите за гасење на пожар се на терен од раните утрински часови од 04 часот. Интервенира и војската.

Пожарот е сѐ уште активен и бргу се шири во правец кон маалото Пасјак и кон с.Трабовиште и се има префрлено на територијата на општина Пехчево. Екипа на ЕВН ја прекина испораката на електрична енергија на филтер станицата и бунарските системи поради што ќе има прекин во водоснабдувањето од бунарите со што значително ќе се намали протокот на вода во Делчево и повисоките делови од градот нема да имаат вода.

Поради сериозната состојба со пожарите во околината на Делчево и потребата од континуиано снабдување на ППЕ со вода се апелира за рационално користење на водата. Поради тоа што има прекин на електричната енергија не се врши хлорирање на водата и истата не е исправна за пиење и може да се користи само како техничка вода.

На територијата на општина Пехчево, кај м.в.Бајаз Тепе пожарот е сѐ уште активен и се шири кон селата Робово, Умлена и Чифлик. Поради силината на ветерот пожарот го префрли регионалниот пат Берово – Делчево и се движи накај с.Црник. На терен интервенира и војската.

Зафатена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта. Екипите работат на негово локализирање. Пристигната е и Специјалната противпожарна екипа од Словенија со 17 возила и 45 луѓе и истата е распоредени во атарот на селата Црник и Негрево. Опожарен е и 1 објект за чување стока и колиба во с.Црник но на истата локација пожарот е ставен под контрола.