23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Ангеловска-Бежоска вклучена во иницијатива на „Централ бенкинг“ – промовирање на рамноправноста, различноста и инклузијата

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска е вклучена во иницијативата на водечкиот глобален информативен сервис за централно банкарство и финансии, „Централ бенкинг“, за промовирање на рамноправноста, различноста и инклузијата.

„Централ бенкинг“ објави авторски текст на гувернерката, во кој се наведува дека родовите, етничките и културните разлики се голема придобивка за институционалната култура, како и во креирањето и спроведувањето на политиките.

„Сѐ повеќе податоци укажуваат на тоа дека различноста, наследена – како расата и полот, или стекната – како искуството и културната позадина, се поврзани со деловниот успех, бидејќи носат хетерогеност на вредности, верувања и ставови. Хетерогените тимови можат да доведат до подобра институционална култура, што ќе им помогне на централните банки ефективно да одговорат на промените“, наведува во текстот, гувернерката, Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочува дека повеќе емпириски податоци укажуваат дека учеството на жените во комитетите за монетарна политика е поврзано со подобри перформанси во однос на ценовната стабилност.

Анализа на податоци од осум земји, чија монетарна политика е таргетирана во однос на ценовната стабилност, како што е наведено во „Централ бенкинг“, покажува дека централните банки водени од гувернерки ставаат поголем акцент на стабилизирање на инфлацијата во споредба со оние што се водени од нивните машки колеги.

„Во нашата централна банка близу 60% од вработените се жени. Близу 70% од раководните позиции во Банката се пополнети од жени. Народната банка е силна институција од аспект на родовата застапеност. Но, може да се стори повеќе за натамошно подобрување на нашата институционална култура. Во моментов го разгледуваме и унапредуваме нашиот Етички кодекс, како дел од настојувањето постојано да се унапредува нашата институционална култура. Сакаме уште повеќе да ги поттикнеме сите вработени да го почитуваат диверзитетот: половата припадност, етничката припадност, карактерот, образованието и мислењето“, посочува гувернерката, Ангеловска-Бежоска.

Таа укажува и дека има потреба од поголема вклученост на жените на раководни позиции во финансискиот сектор. Како што беше соопштено неодамна, кај нас, учеството на жените во управните и надзорните одбори на банките изнесува околу 30 проценти.

Во објавата на „Централ бенкинг“, гувернерката посочува дека од особено значење е поголемата финансиска инклузија на жените, односно нивен поголем пристап до финансиските производи, бидејќи на тој начин се поттикнува економскиот раст и се намалува јазот во доходовната нееднаквост.

Неодамна, „Централ бенкинг“ ја издвои Ангеловска-Бежоска меѓу трите гувернерки од светот коишто успешно се справуваат со предизвиците од корона-кризата.