Ефективна размена на научни и стручни практики и знаења во областа на лозарството и винарството и стручна пракса за студентите и експертите се дел од главните придобивки од потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Винарска визба „Тиквеш“ и Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Во Меморандумот се дефинирани сите области на соработка меѓу факултетот и винарницата, која ќе придонесе за понатамошен развој на оваа значајна земјоделска гранка во земјава, преку симбиоза меѓу науката и современите светски практики.
„За нас во Тиквеш оваа соработка е од големо значење, затоа што ни овозможува да го ползуваме експертскиот капацитет на водечката научна и стручна институција од областа на земјоделството во нашата земја. Дополнително, ни отвора и можност за реализација на научно-истражувачки проекти кои ќе придонесат за понатамошен стручен развој на нашите вработени, но и на целокупниот процес на производство. Истовремено, ќе можеме да учествуваме во формирањето на идните експерти во областа, кои во следните години ќе продолжат да ја развиваат нашата гранка и индустрија, унапредувајќи ги уникатните предности на македонското лозарство и винарство“, рече Радош Вукиќевиќ, генерален директор на ВВ „Тиквеш“.
За Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, идната соработка со ВВ „Тиквеш“ носи бројни придобивки, особено во понатамошниот развој на образовниот процес и неговото приспособување кон потребите на винарската индустрија.
„Од огромно значење е формализирање на соработката со нашата најголема и најуспешна винарница, која покажа вистинска општествена одговорност ставајќи ги своите капацитети и огромно искуство на располагање пред сѐ за нашите студенти, но и за наставниот кадар, и за нивното стручно унапредување и образование. Реализацијата на практична настава за студентите од една страна, како и гостувањето на стручњаци на Тиквеш во наставниот процес од друга страна, ќе бидат од исклучително значење за образувањето.
Меморандумот ја дефинира заедничката соработка и во реализацијата на стручни и научни собири, работилници и летни школи, како размена на информации од одржани саеми, форуми и бизнис-настани.
Инаку, „Тиквеш“ во изминатиов период склучи договори за соработка и со средното техничко училиште и со средното земјоделско училиште, и двете од Кавадарци, со кои се регулира практичната настава во винарницата и стипендирањето на учениците со најдобар постигнат успех.