11.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Народна банка: Монетарната политика и натаму е олабавена

На 13 јули 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од НБРМ.

Притоа на седницата било оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што било одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25%, со што монетарната политика го задржа олабавениот карактер. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше потврдено дека вкупната ликвидност ослободена преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, велат од НБРМ.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9% на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 и негово негативно влијание врз динамиката на економското закрепнување. Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековните расположливи високофреквентни податоци за периодот април – мај упатуваат на висок годишен раст на економската активност во вториот квартал, пред сѐ заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година, а делумно и поради стабилизирањето на епидемиолошката состојба и започнатата имунизација во земјата. Според Народна банка, податоците за овој период покажуваат високи годишни стапки на раст кај индустриското производство, прометот во вкупната трговија и угостителството.

Во однос на инфлациските движења, просечниот годишен раст на потрошувачките цени во првото полугодие на 2021 година изнесува 2,4% и е блиску до очекувањата од априлскиот циклус проекции на Народната банка. Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Притоа, и натаму е нагласена неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа, стои во писменото известување од оваа институција.

Од таму дообјаснуват дека девизните резерви, на крајот на јуни 2021 година, се повисоки во однос на состојбата на крајот на првиот квартал, со што и натаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје од 2021 година, податоците за април и мај засега упатуваат на повисок трговски дефицит од очекуваниот за вториот квартал од годината. Последните податоци за менувачкото работење укажуваат на повисоки нето-приливи кај приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал од 2021 година.

Во соопштението од НБРМ се наведува дека во рамките на монетарниот сектор, движењата и натаму покажуваат солидна годишна динамика на раст на депозитите и кредитите, а согласно со првичните податоци заклучно со јуни 2021 година, годишниот раст на депозитите е во согласност со очекувањата, додека растот кај кредитите е над проектираниот.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидностa во банкарскиот систем се задржа на релативно солидно и стабилно ниво, a банките тргуваа со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари повремено, при крајот на јуни. На девизниот пазар во јуни продолжи зголемувањето на нето-откупот на девизи од менувачниците, при што износот беше повисок во однос на истиот месец од минатата година, но и во однос на јуни 2019 година пред почетокот на здравствената криза. Нето-побарувачката на девизи на корпоративниот сектор и натаму е релативно стабилна и речиси во целост беше покриена преку девизните средства на банките. Девизниот пазар беше релативно поволен и во досегашниот тек на јули. Народната банка имаше незначителни интервенции со продажба, остварени на почетокот на јуни.

На седницата на Комитетот било заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри засега се во рамките на очекувањата. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно, соопштија од оваа институција.

Спонзорирано:

Можеби ќе ве интересира

Ангеловска-Бежоска: Народната банка е столб за одржување на финансиската стабилност

M T

ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува Народната банка е во согласност со највисоките европски стандарди

M T

Светска банка: Народната банка активно ја унапредува регулативната рамка за ефикасен и сигурен банкарски систем

M T

Ангеловска-Бежоска ‒ Азески: Мерките спроведени од Народната банка го ублажија ударот на пандемијата врз економијата

M T

Народната банка ги претстави макроекономските проекции пред меѓународната заедница

M T

Директорот на Одделот за статистика на ММФ: Во последните две години, Народната банка оствари исклучителни успеси во сферата на статистиката

M T