Градоначалникот на општина Делчево Горан Трајковски на трибината на СДСМ под мотото „Најдоброто за нашата општина“ пред своите сограѓани зборуваше за реазлизираните проекти во изминатите четири години и ги повика на заедничко изготвување на програмата за наредните 4 години, програма која значи локален економски развој и подобар квалитет на животот на граѓаните.
Интензивно работевме за да го подобриме квалитетот на животот во Делчево. Ги реализиравме сите капитални ветувања, а од програмата се реализирани високи 80% од ветените проекти, но и реализиравме проекти кои не беа ветени во програмата, но беа долгогодишен товар на граѓаните, истакна Трајковски.
Тој наведе дека за неполни 4 години во општината се изградија и реконструираа околу 20 км локални патишта и улици, издвојувајќи го урбанизирањето на населбата Басарица, каде немаше ни милиметар асфалт, како и рехабилитацијата на транзитниот булевар „Македонија“ во Делчево, рехабилитацијата на државниот пат А3 од село Ѕвегор до граничниот премин Делчево, рехабилитација на регионалниот пат Делчево-Пeхчево.
Во овој период изградивме околу 5 км атмосферска и водоводна инсталација и 6 км фекална канализација, рече Трајковски нагласувајќи дека интензивно се работи на дореализација на големиот проект со кој обезбедуваме чиста вода за сите граѓани на Делчево и за селата Габрово и Ѕвегор – проектот „Водоснабдување на Делчево“ .
Тој се осврна и на повеќе проекти за енергетска ефикасност, изградбата на првиот пешачки мост на река Брегалница, изградба на градинки, градската капела, современиот градски пазар кој ќе биде завршен до крајот на годината.
Вкупно сме вратиле 70 милиони денари стари наследени обврски. Општината должеше на советниците од претходниот состав, на новороденчињата, на пожарникарите, не беа исплатени стипендиите на најдобрите ученици и студенти на Делчево, општината должеше на фирми и изведувачи…сега, обврските се сервисираат тековно, општината е ликвидна и повратен е нејзиниот углед, нагласи Трајковски, додавајќи дека нема да дозволиме нашето Делчево и нашите сограѓани да бидат повторно заложници на група луѓе чиј единствен интерес е личниот.
Чекориме по овој пат. Немаме друга алтернатива, освен да го одбереме најдоброто за нашата општина, посветено и одговорно да работиме за нашето Делчево, за нашите сограѓани и сограѓанки, порача градоначалникот на Делчево Горан Трајковски на трбината на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“.