Предлог законот за отпис на каматите на долговите вчера беше усвоен на седницата на Владата, предводена од владејачката партија СДСМ, но останува нејасно дали опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе посегне по нова блокада на мерка од петтиот пакет и нема да ја изгласа помошта за граѓаните.
Над 150.000 граѓани ќе бидат опфатени со законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци, а предлог-текстот е усвоен на денешната владина седница. Законот ќе овозможи граѓаните да ја исплатат само главницата на долгот на повеќе рати.
Како што соопшти премиерот Зоран Заев, државните органи и јавните институции опфатени со законот, како и УЈП, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата за секој граѓанин во рок од 90 дена од влегување во сила на законот. Потоа, најдоцна за 15 дена ќе треба да ги известат физичките лица – нивни должници со јавна објава на официјалните веб страници, преку медиуми или на друг начин.
-Со законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физички лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репорограмирање на галвниот долг и трошоци на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон, истакна Заев и додаде дека законското решение нема да има финансиски импликации, туку напротив, ќе донесе само позитивен импакт.
Според него, ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнетото плаќање или неплаќање на долговите, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите. Законот ги опфаќа пред се посиромашните.
Овој закон, потсети премиерот, беше вклучен во петиот пакет мерки и со него уште еднаш се потврдува грижата што ја води Владата за граѓаните во услови на корона криза.
Заев ги повика приватните компании да демонстрираат општествена одговорност и на ист ваков начин да им излезат во пресрет на граѓаните.