23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Процесот на “прочистување” на судството е жив, Врховен суд ја потврди одлуката за разрешување на Лидија Неделкова

Продолжува прочистувањето во судството. Врховниот суд денеска го потврди разрешувањето на судијката Лидија Неделкова.

Поранешните колеги на Неделкова оценија дека нејзината жалба на одлуката на Судскиот совет за разрешување е неоснована, со што ја потврдија одлуката за нејзино разрешување.

„Советот за одлучување по жалби расправаше по повод жалбата на Лидија Неделкова, судија на Врховниот суд на Република Северна Македонија, изјавена против одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија од 01.03.2021 година, за нејзино разрешување од вршење на судиска функција“ – соопштија од Врховниот суд.

Неделкова беше разрешена откако се разгледаа претставките против неа, кои ги имаше поднесено поранешниот врховен судија Јово Вангеловски кој, исто така, е разрешен. Тој во претставката тврдеше дека Неделкова несовесно ја вршела својата работа. Во периодот кога Врховен одлучувал за жалби во 2018 година во врска со референдумот, таа, како член на еден од трите совети кои биле формирани за одлучување – не била на работа. Потоа, користела три дена годишен одмор без да добие решение од него како претседател на судот дека може да го користи и трета причина, според претставката на Вангеловски, е што Неделкова не сакала да прима предмети додека била во одделот за судење во разумен рок.

Судскиот совет едногласно ја разреши Неделкова поради ненавремено, немарно, несовесно извршување на нејзините работни обврски и повреда на Судскиот деловник односно Кодексот за судиска етика, по што следуваа најави за кривични пријави. Неделкова поднесе кривична пријава против тројца членови на Судскиот совет за „злоупотреба на службената положба“. Според неа, спротивно на Законот за Судски совет, била вратена на разгледување претставка која против неа ја поднел нејзиниот колега Јово Вангеловски, а токму за оваа пријава претходно во Советот била запрена постапката за разрешување.

Тогашниот прв човек на Судскиот совет, Киро Здравев, коментирајќи го случајот на Неделкова изјави дека некому не му одговара професионално да се извршува оваа задача.

„Во јавноста се напаѓа судството генерално, а не поименично, па затоа ние треба да ги заштитиме професионалните судии, а како инаку освен доколку не поведеме постапки против нивните колеги што го оцрнуваат судството и не работат одговорно. Најнормално е да се очекуваат опструкции и од судиите“ – заклучи поранешниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев.

Судскиот совет изминатиов период се пофали со разрешување на десетина судии по новите критериуми. Последна во низата беше судијката споменувана во прислушуваните материјали, Софија Лаличиќ. Таа „падна“ поради казната од две илјади евра што му ја изрече на адвокатот Асмир Алиспахиќ, откако тој на личниот профил на Фејсбук ја нарече „сваровски судијка“. Иако одлуката за казна веднаш потоа беше укината, Судскиот совет утврди нестручно и несовесно работење кај Лаличиќ.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ неодамна изјави дека претставките за работата на разрешените судии од изминатиов период, со години седеле во фиоките на Судскиот совет и не биле разгледувани, оценувајќи дека сегашната динамика на Советот остава добар впечаток и ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во правосудството.

„Овој процес како на Влада и на Министерство ни е од исклучително значење и веруваме дека истиот ќе придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, која во моментот е на загрижувачко ниско ниво. Ние не сакаме на било кој начин да правиме притисок врз судството и обвинителството, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од било какви притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓанитe“ – заклучи Маричиќ.

Со стартот на годинава започна и очекуваното „проветрување“ во правосудството, преку надградба на веќе постоечките правила за оценување и утврдување одговорност на судиите и обвинителите. За разлика од процедурите кај обвинителите, согласно законските одредби, во Судскиот совет не запира постапката за разрешување ако судијата даде оставка или се пензионира, но тогаш нивната констатација е само декларативна. Седниците на Судскиот совет се јавни и јавноста може да се исклучи само во одредени случаи кога се зборува за податоци за личноста на судијата. Оттаму наведуваат дека ја почитуваат презумпцијата на невиност, но по правосилноста, донесената одлука против судијата се објавува во Службен весник со степен на анонимизација, анализира Фронтлајн.мк.