23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ФИТР: Поддршка за над 150 ученици од целата држава за иновативни зелени проекти

Вкупно деветнаесет основни и средни училишта од целата држава ќе реализираат зелени проекти за зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот. Проектите се наградени во рамките на јавниот повик  “Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, кој го спроведува Фонд за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование.

Прворангираното основно училиште оваа година е ООУ „Григор Прличев“  од Охрид со проектот „Влијанието на користењето на алтернативни извори на енергија врз зачувувањето на здрава еколошка средина”, додека кај средните училишта  прворангираното е ОЕМУЦ ,,Св.Наум Охридски” од Охрид со проектот “Електрично пловно возило”.

„Со четвртиот предизвик за млади истражувачи, уште еднаш потврдивме дека во државата имаме навистина голем број талентирани ученици на кои единствено им недостасува шанса да ги реализираат своите иновативни идеи. Во овие проекти ќе бидат вклучени околу 150 ученици и 38 ментори а над 70% од наградените училишта се за прв пат поддржани од ФИТР. Особено ме гордее што таков пример се и училиштата од Охрид кои аплицираа за прв пат и воедно се и прворангирани во двете категории. За прв пат се наградени училишта од Зрновци, Гевгелија, Валандово, Ресен и Шуто Оризари. Она што охрабрува е дека младите покажаа висока еколошка свест, желба за истражување и тимска работа како и потреба да стекнат нови вештини. Токму затоа, Фондот продолжува да креира предизвици и програми со кои ќе правиме позитивни промени за идните генерации од кои ќе создаваме успешни идни претприемачи” изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Вкупниот буџет обезбеден за јавниот повик изнесува три милиони денари, додека средствата предвидени за поединечен предлог проект изнесуваат максимум 200.000 денари. Наставниците кои ги предводат наградените тимови, за успешно спроведениот проект ќе добијат и награда во вкупен износ од 30.000 денари, која ќе можат да ја искористат за набавка на персонален компјутер, таблет, печатач или друг тип на дигитална опрема применлива во наставниот процес.

„Младите луѓе по природа се истражувачи. Наша обврска како Министерство за образование и наука, во креирањето политики и поддржувањето проекти е да го негуваме и поттикнуваме  истражувачкиот потенцијал на учениците, што понатаму, низ школувањето ќе може да се надоградува. Затоа обезбедуваме повеќе средства, го менуваме пристапот и создаваме можности нашите основци, средношколци и студенти да ја покажат својата креативност, критичко мислење и вештини кои создаваат додадена вредност. Ме прави многу среќна кога ги гледам насмеаните лица на наградените млади истражувачи на овој, четврт по ред, предизвик што го организиравме заедно со Фондот за иновации и технолошки развој. Им посакувам и во сите натамошни предизвици да бидат победници и заедно со своите врсници да бидат генерации кои нашата убава држава ќе ја направат горда што ги има.“, изјави министерката за наука у образование Мила Царовска.

При селекција на проектите, предност имаa проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично, и се поднесени од училишта од рурални средини.

Комисијата за избор и одлучување беше составена од претставнци од секторот средно образование при МОН, Бирото за развој на образование, Здружението за поттикнување и  подготовка на младите за успех во глобалната економија Џуниор Ачивмент Македонија, УНИЦЕФ и ФИТР.

На Предизвикот кој траеше од  17 март до 20 април, 2021 година, пристигнаа 79 предлог-проекти. Листата на наградени училишта е достапна на https://fitr.mk/javen-povik-za-finansirane-na-istrazuvacki-proekti-vo-osnovnite-i-srednite-ucilishta-predizvik-za-mladi-istrazuvaci-4-zeleni-proekti/

Во рамките на четирите јавни повици „Предизвик за млади истражувачи“ до сега се поддржани 109 училишни проекти.