Изградбата на нов клинички центар е историска капитална инвестиција и решавање на децениски проблем во јавното здравство, смета пратеничката на СДСМ Соња Михаиловска.
Според неа, периодот на пандемија со коронавирусот уште повеќе ја нагласи потребата од реализација на проектот за изградба на нов, современ, функционален клинички центар, кој ќе обезбеди, како што рече, висококвалитетни здравствени услуги што ги исполнуваат сите современи стандарди во медицината и потребите на граѓаните.
Реализацијата на овој проект, како што рече таа, треба да биде приоритет на сите партии, но, за жал, смета дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира законот за изградба на клинички центар.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со тешки невистини и големи лаги безуспешно се обидуваат да најдат алиби за нивните деструктивни блокади. Со отфрлување на отворената понуда да го води проектот тие потврдија дека единствена намера им е да опструираат и блокираат сè што е во интерес на граѓаните. Очигледно е дека на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски подраго им е парите на граѓаните да се трошат на барок, на гипс-картон, на споменици и палми отколку да завршуваат во капитални инвестиции во здравството“, вели Михаиловска.
Додека ВМРО-ДПМНЕ блокира, Владата предводена од СДСМ продолжува со капитални инвестиции во здравството и ја потврдува својата цврста определба за градење одржлив и ефикасен здравствен систем, рече пратеничката од СДСМ.