22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Подобрена активната транспарентност на институциите, за прв пат оценката се искачи од „просечна“ на „добра“

Забележано е зголемување на активната транспарентност на министерствата, Владата и општините за 2021 година и за прв пат од кога се започнати мерењата активната транспарентност е оценета како „добра“, покажува Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации.

Просечната активна транспарентност, односно објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации, на сите 98 следени институции во 2021 година изнесува 63% и за прв пат е во рангот на „добра“.

Индексот со мерење започнува од 2016 година, а од почетокот до минатата година просечната транспарентност на институциите се движеше од 44 до 58 проценти што спапаше во „просечна“ активна транспарентност.

Во активната транспарентсност лидери се министерствата пред општините. Кај министерствата активната транспарентност е 79 проценти, додека кај општините е 60 проценти.

Дека се забележува подобрување на отвореноста и транспарентноста на институции говори и фактот дека според Индексот на активна транспарентност повеќе од половина од институциите се во двете најдобри групи, со „добра“ и „многу добра“ активна транспарентност.

Иницијалното истражување на Центарот за граѓански комуникации е спроведено од 22 март до 9 април 2021 година. Финалното рангирање на институциите е извршено според степенот (процентот) на исполнување на обврските, т.е. според индексот на транспарентност, којшто се добива како однос меѓу бројот на доделени бодови и вкупниот број можни бодови.